
Бугарија го ратификуваше Договорот со Македонија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во македонското Собрание. Со ова се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6 ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери, напиша Николоски.
Тој истакнува дека паралелно се работи на развивање и на Коридор 10. Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме, истакнува Николоски. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1,189,30 метри на македонска територија, а 1,193,70 метри на бугарска.

Македонски



