Skip to main content

Над 2.000 деца дел од проектот „Нашата мала библиотека“

Прозарт медиа

Две илјади и петстотини деца на возраст од три до девет години од повеќе од 20 градинки и училишта во државава беа опфатени со проектот „Нашата мала библиотека“ што се реализираше во учебната 2024/2025 година. Целта на проектот е да се развива љубовта кон книгата од мали нозе, на начин што е соодветен за новите генерации. Проектот кај нас го реализираше издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје, во партнерство со пет европски издавачи.

Резултатите од проектот биле сумирани денеска на средба во „Јуроп хаус“ во Скопје, како дел од програмата „Скопје фелоушип“, на која учествувале дел од издавачите што го работеле на проектот во своите земји, информираа од Прозарт медиа.

Носител на проектот е издавачката куќа со голема традиција во издаваштво за деца „КУД Содобност“ од Љубљана. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ што ја финансира Европската Унија, а е финансиски поддржан од Министерството за култура.

„Нашата мала библиотека“ е еден од најблагородните проекти на кои досега сме работеле. Станува збор за проект кој се реализира веќе 18 години во земјите во Европа, нудејќи им на децата да учат низ забава и во ниту еден момент да не им биде здодевно. Во рамките на овој проект досега низ Македонија беа опфатени околу 2500 деца во една учебна година. Да се задржи вниманието на едно дете и при тоа да го осознае светот околу себе не е нималку лесно, во време во кое најмладите совршено ги следат и совладуваат современите технологии. Во која мера македонската литература за деца ги следи светските трендови будејќи ја љубота кон читањето. Ќе бидете изненадени не само нашето творештво за деца, туку воопшто македонската литература, мислам дека во последниве десет – петнаесет години е некаде на врвот кога станува збор за литературите на Европа. И тоа не е само мое размислување, туку од многу колеги и во издаваштвото и колеги писатели“, истакна Дејан Трајкоски, уредник во „Прозарт медиа“.

Во рамки на проектот, преведена е и сликовницата „Девојчето и мечето“ од Ване Костуранов на естонски, полски, хрватски, грчки и словенечки јазик. 

Од мали нозе треба да се почне за да се стане возрасен читател. Тоа е посебно предизвикувачки во овој дигитален свет. Се обидуваме на различни начини како да ги мотивираме современите деца да ја засакаат книгата. Тие денес функционираат многу визуелно, како да се сконцентрираат и со различни доиполните активности, да создаваат работи на основа на книгите. Да добијат впелчаток дека читањето може да биде и забавно, што е важно. 30 месеци проект, со прекрасни партнери, со кои соработката беше многу корисна. Прекрасно патување. 48 изданија беа издадени и 22 автори и илустратори. Учениците се среќаваа и со авторите, на зум, во живо… Мислам дека ја зближува заедницата на децата, но и на возрасните, наставници, библиотекари, но и на нас издавачите. 30 месеци да работиме едни покрај други“, вели Аленка Урх, уредник во КУД Содобност.

„Скопје фелоушип“ програмата годинава има рекорден број учесници – 15-мина.