Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Митото сега нека ви ги рани децата, нека ве шета, нека ви ги плаќа сметките…

Финансиската полиција и Обвинителството за организиран криминал отворија истрага поради сомнежи за злоупотреби при јавна набавка за одржување хигиена на гранични премини и царински терминали, а еден од осомничените и сега притворени е поранешниот директор на Царина, личност на неделата:

Стефан Богоев

Накратко, Обвинителството соопшти дека се истражуваат сомнежи за местење тендер, противзаконито влијание и примање награда/поткуп поврзан со постапката.

…преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари. Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание…

111.600 денари. Барем на 120 да заокружеше. Шега на страна, оваа смешна бројка за која се гони Богоев предизвикува бес по неколку основи.

Пред сè затоа што е мито, нели. Второ, затоа што е ситно мито. Трето, затоа што е мито за местење на фирма за чистење, тендер од 300 илјади евра, со што се отвора прашање какви сè останати поголеми и посериозни тендери се наместени само во Царина (и зошто од ЈО се фатиле баш за ова „тендерче“). И четврто, да, секој криминал треба да се гони, па и овој со едно мало мито, ама малку е навреда за јавноста да се прави театар од апсењето за 1.800 евра, кога во меѓувреме „нема доволно докази“ за „Мазут“ и за 167.000.000 евра проневера. Некако многу повеќе нули ова второто, нели?

Да се вратиме на Богоев. Го запознаваме во 2014 година, како дел од, културно кажано – младото крило на СДСМ, а поточно кажано – еден од „шутото и рогато“ собрано од Заев. Тогаш станува пратеник со наполнети 24 години.

Во 2016 година активно е дел и поддржувач на Шарената револуција, за во 2017 да биде избран за градоначалник на една од најважните скопски општини Карпош. Ќе вети стопирање на урбаниот хаос, голем и ревизија на ДУП-овите, а ќе си дочекаме уште повеќе нови згради и продолжување на плановите на Стевчо. Парк не дочекавме.

Во овој период веќе длабоко е ангажиран во кампањата за поддршка на референдумот и промовирање на Преспански договор како најдоброто нешто што ни се има случено.

По бојкотот на граѓаните и пропаднатиот референцум, кој подоцна ќе ни го продаваат како успешен пошто оние малкуте што излегле повеќе рекле „да“ од „не“, неговата сопруга на „Фејсбук“ ќе напише:

Името сега нека ви ги рани децата, нека ве шета и нека ви ги плаќа сметките…

This, didn’t aged well…

По мандатот како градоначалник, каде толку ја зезна работата, што го врати Стевчо, Богоев се враќа во СДСМ како потпретседател, за во 2023 година да биде назначен за директор на Царина.

Во октомври 2025 самиот изјави дека започнува приватна консултантска дејност и дека ќе работи како консултант за административни постапки, локална самоуправа, урбанизам и слични области, повикувајќи се на искуството како пратеник, градоначалник и директор на Царинската управа.

Јуни 2026 е приведен со сомнежи за местење на тендерот за клозети.

принтскрин Телма

За ВМРО-ДПМНЕ случајот е доказ за кримналот и корупцијата со кои владеела СДСМ и дека „ова е доказ дека никој не е над законот“, додека од СДСМ, пак, велат дека иако не знаат дали случајот е монтиран, со него се тера „селективна правда“ и само се прави дефокус.

Обичниот народ делимично се согласува со овие тврдења – ова е доказ за кримналот и корупцијата со кои владеела СДСМ, ама далеку од „доказ дека никој не е над законот“ бидејќи веројатно и оваа афера ќе заврши како и сите претходни – никако. И да, и ние не знаеме дали случајот е монтиран и да, се тера селективна правда (ама не во иста смисла како вие што алудирате) и не, ова не е дефокус. Зошто, колку и шеги да се измислат за оние 1.800 евра, нема да заборавиме на главната тема неделава, а тоа е дека вистинските недопирливи најдоа уште еден начин за да нè сотрат, овојпат труејќи нè со којзнае што и колку долго. За тоа правда сигурно нема да видиме.

Подготви: М.М.

Поврзани вести