
Митко Костадиновски, кандидат за градонадалник за општина Виница од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ истакна дека изминатите четири години општина Виница ја карактеризираа позитивни промени проследени со многу реализирани проекти и решени проблеми. Костадиновски вети дека ќе работи одговорно, транспарентно и отчетно, со нулта толеранција за корупција и единствено само во интерес на граѓаните.
Костадиновски појасни дека програмата е изработена согласно потребите и барањата на граѓаните на општина Виница, притоа ги наведе приоритетните проекти како изградба на спортска сала, рехабилитација и реконструкција на градски парк, рехабилитација на зелени површини како и проектите во областа на сообраќајот.
Од приоритетните проекти ветуваме изградба на спортска сала во ОУ “Гоце Делчев”, кое е единственото училиште во градот кое нема спортска сала. Целосна рехабилитација и реконструкција на градскиот парк. Градскиот парк ќе добие сосема нов лик, ново, модерно и сензорно осветлување, целосна реконструкција на детското катче, многу нови содржини, рехабилитација на зелените површини и ќе биде поставен систем за наводнување за дрвјата и тревата.
За подобрување на сообраќајот во градот ќе изработиме сообраќаен проект со кој ќе се преземат голем број активности, како што се обнова и измена на постоечкиот режим на сообраќај, регулирање на раскрсници, поставување на нова потребна вертикална и хоризонтална сигнализација, обележување на паркинг простор според сите законски регулативи, обележување и проектирање нови пешачки и велосипедски патеки, воведување посебен режим на сообраќај околу училиштата и градинките и слично“, изјави Костадиновски.
Тој потенцира дека во програмата се содржани и проекти за модерна општинска инфраструктура, а кои се однесуваат на реконструкција на градски улици, локални и регионални патишта во општина Виница.
Во делот на патната инфраструктура ветуваме довршување со реконструкцијата на локалниот пат Блатец-Детлово во должина од 2 и пол километри и реконструкција на регионалниот пат Превалец-Виница-Смојмирово која ќе го опфати нереконструираниот дел од патниот правец Превалец-Виница, кој минува низ градот Виница. Како и реконструкција на 13 најоштетени улици во градот и изградба, асфалтирање и поплочување на улици во населените места во вредност од еден милион евра“, рече тој.
Костадиновски заклучи дека ќе се работи на донесување на нови урбанистички планови и формирање на зона за мало стопанство, а сето тоа во насока на развој на општина Виница.
Во делот на урбанизмот ќе работиме на донесување на нови урбанистички планови за Виница и населените места што ќе значат развој на Општина Виница, а наскоро ветуваме формирање на зона за мало стопанство во м.в. Скараница- с.Блатец која ќе биде распростанета на површина од 24 хектари и во неа ќе има предвидено 29 градежни парцели за продажба“, кажа Костадиновски.