
Образованието е еден од главните приоритети на оваа влада. Во моментот имаме инвестициска активност од околу две милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, седум комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Студеничани.
– Така што, образованието претставува еден значаен фокус на оваа влада и така ќе продолжиме да се однесуваме. Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени, нагласи премиерот.
Мицкоски рече дека децата треба да добијат европско знаење, а „тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење“.
– Така што, реформата во образованието е навистина опсежна. Оваа година, нешто што не е за фалење, учениците ги добија книгите на 1 септември. Исто ќе биде и во следната година. Ние пред 10 – 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска сме среќни ако секое дете има учебник. Но, за жал, имавме цунами седум години што и тоа не можеше да го направи онаа влада на СДСМ и ДУИ, па оваа влада мора буквално сите тие елементарни работи да ги прави, додаде премиерот.
Тој во рамки на кампањата „Каде што срцето е дома“, во организација на Министерството за локална самоуправа, присуствуваше на поставување камен темелник на реконструкција на локален пат.