
Ги повикувам надлежните во Обвинителство и судството и министерот за внатрешни работи да ги повика невладините и да ги стави на јавен увид тендерските документации, но и од минатото, па да се види како се купувале униформи, обувки и други вид опрема за полицијата и ве повикувам вас медиумите будно да ја следите оваа операција. Ниту еден од нас да нема никаков сомнеж, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за сомнеж за корупција за набавка на униформи за полицијата од фирми кои наводно немале доболен капацитет за тоа.
Според него, станува збор за рамковна спогодба од отворен карактер и секој што бил заинтересиран можел да се вклучи и јави на овој повик.
Рамковнa значи дека ако се нарачаат ќе треба да се платат. Јас не знам дали имат или немаат капацитет фирмите. Да видиме, дoколку немаат ќе биде раскинат, ако не ќе продоложи договорот. Сепак станува збор за униформи за припадници на MВР, ако ги користат – појасни премиерот на денешната прес-конференција во Владата.
Тој уште еднаш повтори дека ништо не се крие од јавноста за овој тендер и дека јавната набавка била отворена без лимитирачки услови како во минатото. Секој можел да се јави, а зошто не била одбрана одредена фирма рече дека не знае и за тоа одговор треба да даде МВР.
Посочи дека нема што да се крие и повтори дека целокупната тендерска ќе биде ставена на увид и ја повика јавноста да направи увид.
Инаку опозициската СДСМ денеска на Антикорупциската комисија ѝ достави документи за контроверзниот тендер за шиење на униформи за специјалните полициски сили, на кој беа избрани едно модно студио од Биола со две шивачки и една набрзина отворена фирма на компанија од Србија.
Секој ден власта ја тресат корупциски скандали. Буквално смрди на корупција во врвот на власта. Последен е скандалозниот тендер во МВР од 4 милиони евра кој го добива и фирма основана 20 дена пред распишување на тендерот.
Фирма без искуство, без капацитет, а вчера видовме и дека е без седиште. Фантом фирма ли е? Како е можно ваква фирма да добие тендер за специјализирана опрема за полицијата? – изјави портпаролката на партијата Богданка Кузеска пред седиштето на ДКСК, велејќи дека скандалот е поврзан со министерот Панче Тошковски.
Чии интереси стојат зад овој тендер вреден 4 милиони евра? ДКСК мора да отвори предмет, да ги истражи сите факти и конечно – да обезбеди одговорност. Време е ДКСК да покаже дека не се неми набљудувачи на криминалот, туку бранители на јавниот интерес, рече Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ е против опремување на полицијата со униформи и нагласија: Тендерската постапка за набавка на униформи за специјалните единици е спроведена согласно сите законски прописи, имајќи го предвид интересот на министерството, водејќи се од квалитетот и најниската цена, а исто така овозможувајќи фер пристап за поголема конкуренција.