
Со околу 14 милијарди денари или 225 милиони евра ќе се финансираат 828 проекти во општините кои аплицираа на вториот повик што го спроведе Владата преку Министерството за локална самоуправа.
Најголем дел од проектите (589) се од областа на транспортот за што ќе бидат наменети над осум милијарди денари, по што следуваат проектите од областа на животната средина (143) за што ќе се инвестираат над 2,4 милјарди денари, образованието (48) за што ќе бидат вложени 1,6 милијарди денари, а има и проекти и од областа на културата, спортот и социјалната политика.
– Ова е најголемата инвестициска офанзива за општините, некогаш направена, не само по бројките, туку и по одлучноста и правичноста. Се гради низ цела држава, во сите општини што аплицираа, без партиски филтри, без фаворизирање, онаму каде што има проект, таму има и поддршка, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со министерот за локална самоуправа Златко Перински по потпишувањето на договорите во Владата.
Посочи дека се инвестира во секој град и во секое село и дека како Влада нема да дозволат некој регион да биде запоставен.
– На дело ја покажуваме разликата, од политички спинови до бројки и багери. Македонија не е само Скопје, инвестираме подеднакво во секое село и секој град. Ова не се партиски ветувања, ова се 828 конкретни договори. Не зборуваме само за иднината, туку истата ја градиме секој ден. Нема да дозволиме ниту еден регион да остане запоставен. Нема да има граѓани од прв и втор ред, рече Мицкоски.
Ова е вториот јавен повик за финансирање на проекти во локалните самоуправи. Со првиот повик беа финансирани 288 проекти.
– Развојот не смее да биде партиска категорија, туку обврска кон граѓаните. Министерството за локална самоуправа како координатор на процесот за двата јавни повика е во постојана координација и со општините и со ресорните мнистерства. Особено сме горди што над 40 проценти од проектите од првиот јавен повик веќе се завршени, а останатите се во напредна фаза на реализација што е најдобра потврда дека не зборуваме само за планови, туку за реални резултати на терен, рече министерот за локална самоуправа Перински, додавајќи дека голем дел од проектите што се зваршени се имплементирани во малите и рурални општини.
Перински најави интензивирање на теренските активности во следниот период со цел да се следи реализацијата на проектите за кои се дадени финансиски средства.
– И оние кои сеуште се сомневаат во ефектите од двата јавни повика, ќе се уверат во реалните резултати кога ќе заврши реализацијата на сите 1.116 проекти кои се одобрени за финансирање. Работата што не очекува во следниот период е сериозна и бара од нас целосна посветеност, рече Перински.