
Претседателот на Собранието Африм Гаши, во пресрет на локалните избори упати јасен повик до сите политички субјекти, кандидати, институции, медиуми и граѓани изборната кампања да се води во духот на демократските принципи.
– Изборите не се само институционална формалност, туку основно право и реален инструмент за граѓаните да изберат раководители со интегритет, визија и посветеност кон јавниот интерес. Очекувам сите да покажат висок степен на политичка и граѓанска култура и да се воздржат од притисоци, говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавни ресурси – порача Гаши.
Тој истакна дека политичката трка треба да биде трка на идеи и програми, без инциденти, заплашувања или омаловажувања, нагласувајќи дека демократијата се мери со достоинството на изборниот процес, а не само со победата на поединец или партија.
– Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност. Кога чесноста ја води трката, резултатот е победа за целото општество – заклучи претседателот на Собранието.