
Општина Илинден и оваа година го започнува процесот на изработка на Буџетот за 2026 година со вклучување на граѓаните во неговото креирање. Од 10 до 24 ноември 2025 година, сите жители, здруженија и правни лица имаат можност да учествуваат со свои идеи, предлози и забелешки за унапредување на условите за живот во општината.
Со оваа иницијатива, Општината ја потврдува својата заложба за транспарентно, одговорно и отчетно работење во интерес на граѓаните. Целта е преку заедничко учество да се создадат поефикасни механизми за подобрување на локалните услуги и зголемување на довербата во локалната самоуправа, велат од Илинден.
Сите заинтересирани може да ги достават своите предлози преку пополнување на анкетен лист по електронски пат или лично во архивата на Општината, секој работен ден до 24 ноември 2025 година.
Од Општината информираат дека сите предлози ќе бидат разгледани од стручните служби на локалната самоуправа, а оние што се финансиски и реално остварливи ќе бидат вклучени во буџетските програми за 2026 година.

Македонски








