
Неизвесно е дали од 1 февруари ќе почне примената на системот „Сејф сити“ за автоматско казнување на возачите, иако тоа го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Причината е што во Собранието сè уште не е обезбедено потребното двотретинско и бадентерово мнозинство за усвојување на измените на Законот за прекршоците.
Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, не дава поддршка за законските измени предложени од власта, а без гласовите на пратениците од заедниците законот не може да помине.
Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска на брифинг со новинарите изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште нема политички договор за усвојување на измените.
Доколку се постигне договор, измените веднаш ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница. Досега на координациите немаше забелешки на самиот текст на законот. Фактот што не се носи е прашање на политички договор, а не на содржина – изјави Гаши.
Со предложените измени на Законот за прекршоците се предвидува казните за сообраќајни прекршоци регистрирани преку камерите на „Сејф сити“ да им се доставуваат на возачите по електронски пат – преку СМС порака, електронска пошта или дигитална апликација.
Според законските измени, сопственикот на возилото ќе добие известување со линк за преземање на записникот и прекршочниот платен налог. Доколку известувањето не биде отворено во рок од 24 часа, ќе следи второ известување. Ако ниту по второто известување документите не се преземат во рок од осум дена, доставата ќе се смета за уредно извршена.
Дополнително, измените предвидуваат и построги санкции, меѓу кои трајно одземање на возилото за возачи кои управуваат под дејство на алкохол или дрога, како и одземање на возачката дозвола.

Македонски




