Skip to main content

Александар Гелевски, нов директор на Агенцијата за планирање

Досегашниот секретар на општина Куманово, Александар Гелевски, е нов директор на Агенцијата за планирање на просторот. Гелевски е избран на конкурс и има четиригодишен мандат.

Добро сум запознаен со обврските, задолженијата и работните процеси во институцијата. Првите осум години, од 2006 до 2014 бев работно ангажиран во „Урбан ГИС“ ДОО Куманово, што е подружница на агенцијата. Работам во областа за која сум се образувал, а можам да ветам дека ќе се посветам стручно и професионално во извршувањето на моите обврски, изјави Гелевски.

Кумановецот Гелевски дипломирал на Универзитетот „Кирил и Методиј“ Скопје – Архитектонски факултет во 2006 година и ја почнал кариерат како проектант и планер-урбанист, со што се здобива со овластувања од областа на урбанизмот и архитектурата. Во 2014 година се вработува во Општина Куманово како советник во Одделение за урбанизам, во ноември 2018 е назначен за раководител на Одделение за спроведување на урбанистичка документација – Сектор за урбанизам, а во август 2020 доаѓа на функцијата -секретар на Општина Куманово, каде по две години беше реизбран за оваа функција.