
Ретроспективна изложба за еден од најпознатите македонски архитекти Живко Поповски ќе се отвори на 3 септември во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје во 20 часот. Изложбата насловена „Живот посветен на архитектурата“ претставува прва сеопфатна презентација на делото на Поповски (1934-2007) и се темели врз повеќегодишното истражување на професорките Анета Христова-Поповска и Мери Батакоја.
Изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои за првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.

Поставката се состои од шест тематски целини насловени Холандска епизода, Фокус „ГТЦ – Собрание на Град Скопје“, Архитектонски конкурси, Охридска архитектонска школа, На Скопје, со љубов! и Обрасци на архитектонската имагинација.
Изложбата ќе може да се посети до 15 октомври.