
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и митрополитот на Повардарската епархија Агатангел, ја посети црквата „Свети Атанасиј Велики“ во село Габрово, Општина Гевгелија, значаен сакрален објект изграден во 1851 година од Андон Китанов, со фрескоживопис од втората половина на 19 век, дело на познатиот зограф Димитар Андонов Папрадишки.
При посетата беше извршен увид во тековните подготвителни активности за конзервација и реставрација на фрескоживописот и архитектурата на црквата, што ги спроведуваат стручни тимови од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица. Министерот беше информиран за динамиката на изработка на основните проекти, по што ќе следува постапка за јавна набавка и почнување на реализацијата, планирана за јуни 2026 година. За овие активности се обезбедени 720 000 денари.

Министерот Љутков за време на посетата истакна дека црквата „Свети Атанасиј Велики“ претставува драгоцен дел од нашето културно и духовно наследство. Наша обврска е да го зачуваме нејзиниот автентичен изглед и уметничка вредност, но и да создадеме услови за нејзина поголема промоција и вклучување во културно-туристичката понуда на регионот.

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека иницијативата за проектот произлегла од жителите на Габрово. Тој посочи дека со неговата реализација, Гевгелија добива уште една значајна точка на културната и туристичката мапа на градот.
Проектот е резултат на заедничка иницијатива со локалната самоуправа и претставува пример за успешна соработка меѓу институциите во насока на долгорочна заштита, унапредување и валоризација на културното наследство.

Македонски


