
Во четврток (25 јуни 2026), во 19 часот, е закажано посебно издание на МСУ Водич – “Зајдисонце во МСУ” со кустоската Бојана Јанева.
Во оваа прилика, особено сме благодарни на кураторот Владимир Јанчевски и уметниците Лучезар Бојаџиев (Бугарија) и Дритон Селмани (Косово) кои со своето присуство ќе го збогатат ова издание на МСУ Водич и ќе не водат низ изложбата „ПОЧЕТОК ПОСЛЕ КРАЈОТ: Визуелната култура на немирот – Вчерашниот свет денес 1900-2026“, велат од МСУ во најавата за настанот.
Потоа, под водствто на кустоската Бојана Јанева, посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за изложбата „Тапети“, со дела и тапети од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје и ЕВН колекцијата од Австрија.
Координатор на настанот: Анжелика Апсис
Музички избор: Ивана Драгшиќ
Влез: слободен.
Изложбата „ПОЧЕТОК ПОСЛЕ КРАЈОТ: Визуелната култура на немирот – Вчерашниот свет денес 1900-2026“ претставува избор од колекцијата на кураторот Владимир Јанчевски која вклучува: книги, постери, списанија, картички, фотографии, графики и други печатени изданија. На изложбата ќе можат да се видат и авторски дела на голем број автори како Џон Хартфилд и неговите современици Жозеп Ренау, Борис Клинч, Борис Ангелушев, но и следната генерација Хектор Католика, Клаус Штек, Питер Кенард, Клод Беларжон… Вклучени се и дела на повеќе анонимни автори, преку плакати, весници и списанија, како и литература поврзана со темата.
Покрај нив се ќе можат да се видат и дела на значајни современи уметници како Армандо Лулај, Групата ОПА, Игор Тошевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Томато Кошир, Дритон Селмани… На изложбата, исто така се вклучени и дела од колекцијата на МСУ-Скопје, кои најчесто не биле изложувани во контекст на нивната специфична автентична реакција на општественополитика ситуација како оние на Хоан Рабаскал, Квак-Дак Џун, Лино Фиоки, Петар Лубарда, и други.
Визуелната култура во проширеното поле, денес неизбежно се разгледува во контекст на појавата на фотомонтажата и масовната дистрибуција на печатените медиуми – неговата употреба во јасно и прецизно дефиниран политички коментар, најчесто сфатена како визуелни (не)уметнички интервенции.
Преку повеќе сегменти кои се фокусираат на различни тематски целини и периоди изложбата е насочена да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура. На увид се специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, а особено на начините преку кои креативните процеси на сликотворење можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера и заштита на заедничкото јавно добро во специфични комплексни историско-политички моменти.
Изложбата „Тапети“ ги спојува уметничките дела од различно потекло. Темите, субјектите и уметничките ставови од неколку генерации се пресекуваат и се информираат, правејќи ја видлива универзалноста на уметноста и уметничкото производство.
МСУ во Скопје како и седиштето на EVN во Марија Енцерсдорф во близина на Виена, Австрија ги делат таквите архитектонски карактеристики на модернизмот. За ходниците на австриската зграда од 1960-тите, беше развиен исклучителен концепт, започнат во 2018 година: уметниците беа ангажирани да создадат наменски дизајнирани тапети за разни ѕидови, создавајќи острови за изложби на избрани дела од корпоративната колекцијата. Таа постои од 1995 година, курирана е од Уметничкиот советодавен одбор и го става својот фокус на меѓународната современа уметност. За изложбата во 2026 година во МСУ во Скопјe, оваа поставка за прв е пренесена во поинаква средина. На приземјето на музејот поставени се мобилни ѕидови, со избрани тапети и уметнички дела од евн колекцијата, во комбинација со дела од колекцијата на МСУ. Тие го пробиваат не само планот на зградата, туку и модерната претстава за неутралност и објективност. Преклопните паравани се претставуваат во просторот како скулптури и истовремено, како носачи на слики. Тие се отвораат и затвораат, откриваат и прикриваат.
Кураторски тим: Брижит Хак, Хајке Мајер-Рипер, Маркус Шинвалд, Томас Д. Трумер, Благоја Варошанец
Кураторска помош: Ива Димовски, Мартин Ембахер, Никола Мартиновски.

Македонски



