
Годинашните лауреати Ќорвезироска, Цветкоски, Шелева, Корнети и Селмани денеска ги примија годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) – „Стале Попов“, „Ацо Шопов“, „Димитар Митрев“, „Ванчо Николески“ и „Мост“ за 2025. Со врачувањето на наградите беа одбележани и 79 години од основањето на писателската асоцијација.
На конкурсот на ДПМ за петте годишни награди беа пријавени 53 книжевни дела објавени во 2025, седум повеќе од претходната година.
За наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело конкурираа 17 дела, од кои жирито го избра романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска, издание на „Арс ламина“. Ќорвезироска изјави дека „Стале Попов“ е еснафска награда и има посебен шарм зашто се добива од колегите.
– Бездруго се радувам на наградата иако наградите не се ниту смислата ниту целта на нашето пишување, но бидејќи придонесуваат за видливоста на она што го работиме, навистина се важни, рече наградената авторка.
За романот „Три Марии“ посочи дека е директна алузија на романот „Две Марии“ на Славко Јаневски и со него сакала да му укаже почит како на писател претходник.
– Ништо не почнува со нас, секоја генерација е, всушност, некој ластар од претходниците. Се надевам ќе бидеме поддршка и за тие што допрва ќе пишуваат и тоа истото сакав да го покажам и во романот – така како што јас се однесувам со Славко Јаневски сметам дека писателите од една генерација треба да се однесуваат со своите претходници, додаде Ќорвезироска.
Бранко Цветкоски, добитникот на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка, за книгата „Вообразби: лирски етиди од некој друг свет“ издание на „Макавеј“, изјави дека таа е една од најмаркантните во книжевноста во Македонија.
– Многу сум горд, задоволен и среќен што моите колеги ме удостоија годинава со оценката оваа моја книга да биде наградена. Голема чест е и што моето име се врзува со името на Шопов. Имам искуства на убави средби со Шопов. Се сеќавам кога ја објави „Небиднина“, тој рече: „Во иднината небиднината ќе ви биде многу чудна и ќе се чудите зошто ја крстив книгата ‘Небиднина’“. Тоа, некако, се врзува и со мојата книга „Вообразби“, бидејќи вообразбата е, исто така, првиот нестварен удар којшто не знаете каде ќе ве одведе. Но, јас се надевам големата уметност секогаш ме одведува на места коишто постојано ги посакуваме и да бидеме ведри и безгрижни, рече добитникот на наградата „Ацо Шопов“ за која годинава биле пријавени 16 поетски книги.
За наградата за книга есеи „Димитар Митрев“ за 2025 конкурираа четири наслови и, според одлуката на жирито, ја доби Елизабета Шелева за „Книжевни созвучја и огледала“, издание на „Сивејан“. Шелева нагласи дека ова е единствена награда што кај нас се доделува за книжевна критика и, како што рече, „дотолку повеќе е значајна што е поврзана со родоначалникот на една жестока и темпераментна, понекојпат исклучива позиција во книжевната критика – Димитар Митрев“.
– Во последните десет години има засилено присуство на жени што се занимаваат со книжевна критика и заслужено добиваат награди. Критиката не е само компетенција, знаење, ерудиција, начитаност, елоквентност, туку е и етика. Бара да се оформи, но и да се задржи интегритетот, ставот, односот кон новите автори, новите струења, кон некои обиди за постигнување компромис којшто многу често одат на штета на вистинските естетски вредности, а повеќе на некаков вид атер којшто јас го осудив во мојот воведен текст во книгата, бидејќи квалитетна книжевна критика од атер не може да се направи. Критиката треба повторно да го добие местото кое мислам во последно време како да ѝ е одземено во јавниот простор, порача Шелева.
Наградата за книга за деца и млади „Ванчо Николески“, за која годинава конкурираа 13 книги, ја доби Хана Корнети за „Илина и тајните на Бабин заб“ во издание на „Или-или“. Нејзината наградена книга е втор дел од планираната трилогија, во која првиот дел беше насловен „Илина и шумските тролови“.
– Тоа се книги што и јас би сакала да ги читам како дете затоа што се забавни, имаат хумор и магија, како и комплексни теми – пријателство, емпатија, развод на родители, загуба на близок човек… Проблем на денешните генерации е тоа што дигиталните уреди им се достапни уште пред да проговорат и, според едно истражување, тоа им ја намалува концентрацијата и капацитетот да размислуваат, анализираат и да фантазираат. И затоа апелирам да ги охрабрувате децата да читаат затоа што така ќе развиваат фантазија, осет за себе и ќе видат дека магијата вистински постои единствено во книгите, изјави Корнети.
По неколку години пауза, ДПМ втора година ја додели и наградата „Мост“ за најдобра книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во земјата. Од три книги што биле пријавени на конкурсот годинава, наградата ја доби Ахмет Селмани за поетската книга „Инфинитивна поука“ („Embsuame Paskajore“), објавена од „Академска мисла“.
Селмани изјави дека е особено задоволен што ја добива наградата „Мост“ која за него е метафора за поврзување.
– Не само поврзување на еден брег со другиот туку мост како метафора за кохезија, за место на средби итн. Во книгата „Инфинитивна поука“ успеав инфинитивот од граматиката да го претворам во поетски мотив создавајќи нов дискурс во инфинитив, зборувајќи за сите проблеми и преокупации на човекот во времето и просторот, изјави Селмани.
Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, во обраќањето по повод роденденот на ДПМ посочи дека писателската асоцијација денес има 171 член. На своите социјални медиуми, рече тој, ДПМ активно ја промовира македонската литература и споделува извадоци од творештвото на членовите на Друштвото што конкурираат за годишните награди. Во следните денови ќе бидат објавувани осврти од жири-комисиите за сите дела што влегоа во финалето за наградите.
Грозданоски соопшти дека на средба со министерот за култура и туризам денеска, на која биле и претседателите на друштвата на ликовни уметници и на филмски работници, разговарале сите три друштва (ДПМ, ДЛУМ и ДФРМ) да добиваат годишни грантови или друга финансиска поддршка за инситуционално работење, и тоа, како што рече, драматично ќе го подобри нивното функционирање.
Во пресрет на 80-годишниот јубилеј в година, Грозданоски кажа дека им претстои многу работа – да се направи попис на богатиот книжен фонд, да се разработи издавачката дејност на ДПМ и да се поврзат со сродни друштва и писатели од регионот и од светот.
– Најважно од сè е тоа што Друштвото е живо и активно се движи кон големиот јубилеј – 80 години од основањето, додаде Грозданоски.

Македонски



