
„Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“ е насловот на спектаклот со кој ќе биде одбележана Кинеската Нова година вечерва, на 4 февруари (19,30 часот) и утревечер (5 февруари) во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Претставата синоќа беше изведена и во Битола, а во Охрид се одржа поп-ап презентација.
Во гала-програмата учествуваат реномирани уметнички ансамбли од Кина, меѓу кои Оперскиот ансамбл од покраината Сичуан, Универзитетот за уметности и применети уметности од Ченгду, како и Театарската компанија „Џингџу“ од Пекинг.
Станува збор за визуелно и уметнички богат спектакл кој спојува традиционални и современи елементи на кинеската култура. Публиката ќе има можност да ужива во Пекиншката и Сичуанската опера, народна музика и танц, боречки вештини и акробатика. Програмата вклучува низа симболични и митолошки прикази, од класичните легенди и традиционални мотиви, до современи сценски интерпретации со иновативен пристап.
Преку разновидни уметнички изрази и внимателно осмислена сценска естетика, претставата го прикажува уникатниот шарм и длабочината на кинеската култура, создавајќи силно аудиовизуелно доживување што ги ангажира сетилата и емоциите на публиката.
Од Амбасадата на Народна Република Кина истакнуваат дека културата претставува важен мост меѓу народите. „Пријателството помеѓу Кина и Македонија има длабоки корени, а уметноста и културата отсекогаш биле клучен фактор во меѓусебното разбирање. Нека културата биде светлина што ќе нè поврзува и ќе ни помогне заеднички да градиме иднина во која различните цивилизации ќе коегзистираат во хармонија“, порачуваат од Кинеската амбасада.
Настанот го организира Амбасадата на Народна Република Кина, со цел промоција на богатото културно наследство и зајакнување на културната соработка меѓу двете земји.

Македонски



