Skip to main content
Започна и прославата на 80 – годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик

Треба да бидеме многу побрзи во решавањето на статусот на Законот за употреба на македонскиот јазик

Треба да бидеме многу побрзи во решавањето на статусот на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Ова го кажа директорката на Институтот за македонски јазик „ Крсте Мисирков“ , на денешната прослава на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Иако Собранието го усвои кон крајот на јануари, минатата година, ЗУМЈ сѐ уште не функционира во пракса поради процедурите поврзани со ланските избори, а формирањето на Инспекторатот, како корективно тело кое произлегува од законот, не е спроведено поради потребата од дополнителни законски измени, поврзани со промената на името на министерството за култура , во министерство за култура и туризам.

Треба да бидеме многу побрзи во решавањето на статусот на новиот закон, односно во реализацијата на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Потребен ни е Инспекторатот, потребно е вработување на млади кадри и воопшто на лектори , во сите државни институции. Потребно е конкретно функционирање на Законот за употреба на македонскиот јазик, кажа Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик за Телма телевизија.

На тој начин ќе покажеме колку сме заинтерсирани за зачувување и за негување на македонскиот јазик, рече Јованова- Грујовска. Според неа, иако живееме во услови на интензивна глобализација и има релативно малку говорители на македонски јазик, тој не е загрозен затоа што е кодифициран и зад него стои државата, преку наставата на македонски јазик и богатото уметничко творештво и литература, напишана на македонски.

Сепак, наша должност е будно да внимаваме на правилната употреба на стандардниот македонски јазик. Истовремено, да го поддржуваме стремежот за негување на мајчините јазици на нашите сограѓани и соседи, рече директорката Јованова- Грујовска.

Со денешниот настан, воедно започна и прославата на 80 – годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, со прогласувањето на азбуката и на правописот, во мај и јуни, 1945 година. А, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е востановен 1999 година од страна на УНЕСКО. Повод биле драматичните протести за бенгалскиот јазик.

Поврзани вести