
Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески концертната 2025 година ја продолжи со првиот од двата деби-концерта во Сантијаго, Чиле. Придружуван од Филхармонискиот оркестар на Сантијаго во Градскиот театар, Трпчески го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски. Диригентската палка беше во рацете на главниот гостин диригент на оркестарот, чилеанско-италијанскиот маестро Паоло Бортоламеоли.
Како што информира „КултурОп“, Трпчески до крајот на месецов го очекуваат и новите концертни средби со Симфонискиот оркестар на Чикаго, во чија сала три вечери на програмата ќе биде Првиот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов, а под диригентската палка на Јакуб Хруша, како и трите настапи на домашната сцена на Симфонискиот оркестар на Феникс, со изведбата повторно на Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски, овој пат под диригентската палка на нам добропознатиот диригент од Венецуела Илич Ривас. Ривас со Трпчески во 2009 година настапи и во Скопје, заедно со Младинскиот оркестар на „КултурОп“, во рамките на „Скопско лето“.
Почетокот на април за нашиот виртуоз на пијаното ќе значи можност за враќање на престижната сцена на виенски „Музикферајн“, каде што ќе биде солист на оркестарот „Тонкунстлер“ и под диригентската палка на Доминго Хиндојан од Венецуела ќе ја изведе австриската премиера на „Концертот Аргентино“ од Хинастера. Хиндојан во моментов е шеф диригент на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар.
Во продолжение на сезоната, до крајот на наредниот месец, Трпчески го очекуваат и рецитални настапи во Љубљана и во Сингапур.