Skip to main content

Kонцерт на кларинетистот Бранко Павловски придружен гудачки квартет

Фото: Општина Крива Паланка

Кривопаланечката публика синоќа имаше несекојдневна прилика да ужива во концертот на познатиот македонски кларинетист Бранко Павловски во придружба на гудачки квартет, во рамки на програмата на “Кривопаланечко културно лето 2026”. Извонредниот концерт на камерна музика се одржа во прекрасниот амбиент на стариот конак на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, каде бројната публика уживаше во маестралните звуци под отворено небо.

Настапија: Бранко Павловски, кларинет, Камелија Дукова Зефиќ, прва виолина, Бранислав Автовски, втора виолина, Виктор Манев, виола и Енис Аљи на виолончело.

Концертната програма содржеше композиции од Молеле Мангани, квинтет од Јоханес Брамс и „Кога бев дете“ од Марјан Јанкоски.

Ова беше ретка можност публиката во родниот град на познатиот македонски кларинетист со богата интернационална кариера и реноме, да ужива настапот што следуваше по неговиот неодамнешен концерт во Метрополитен операта во Њујорк, САД и концертот со гудачкиот квартет на „Скопско лето 2026“.

Павловски се заблагодари на Општина Крива Паланка и организаторите на Меѓународната ликовна колонија “Свети Јоаким Осоговски”, кои ги поканија за учество во склоп на Kултурното лето, акцентирајќи дека уште од најрана возраст ја посетувал колонијата кадешто и самиот се инспирирал за уметничко творештво.

Бранко Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност на државниот универзитет Луизијана во Бостон Руж, САД, во класата на Е.Дилутис, каде работел како асистент по кларинет до 2011 година, а во моментов е редовен професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип.

Во рамки на својата богата кариера настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција и низ државите од Балканот.

Поврзани вести