Skip to main content

Промоција на „Зара Зарина“- најнов роман од Лилјана Пандева во Културно информативниот центар ‒ Скопје

Промоцијата на „Зара Зарина“, најновиот роман од Лилјана Пандева ќе се одржи во среда, 15 април, од 19:00 часот, во Културно информативниот центар ‒ Скопје, салон „империјал 2“.

Изданието е на „ПНВ Публикации“ од Скопје и беше поддржано од Министерството за култура и туризам.

За книгата ќе говори проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.

‒ „Зара Зарина“ проспективно нè води во иднината на главниот лик, а ретроспективно нè враќа во минатото на нејзините родители, низ сите турбулентни преживелици во кои низ чудесни споеви се испреврзува националното и религиозното, традиционалното и модерното, токму низ приказните што од точка на невозможна мисија се развиваат во разни правци, доловувајќи ја актуелната ситуација во местото на започнување на приказната (Кабул), враќајќи нè во времето кога не така мал број странски студенти, пред сè, од арапските земји, студираа во Македонија, низ безброј описи и наративи од студентските случувања во тоа време низ студентските домови и мензи, факултети и други примамливи сврталишта, но и следејќи ги актуелните приказни по мигрантската рута. (…)
Најновиот ракопис на Пандева отвора нови простори во македонската литература, од една страна го доловува времето од осумдесеттите години на минатиот век во Македонија, време кое сè уште не е целосно книжевно опфатено, а од друга, се соочува со неизвесноста на актуелните кризни случувања во светот. Оттаму, ракописот има еден историски, и еден актуелен аспект. Авторката успева, со многу сенс и вештина, да направи симбиоза на навидум, неспојливи хронопи ‒ Лидија Капушевска-Дракулевска.

Лилјана Пандева, родена 1964 година во Ново Село, Струмица, дипломирала на Катедрата за југословенска книжевност и македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Потоа магистрирала на тема „Поетските фигури на формата во македонската книжевност меѓу традицијата и иновацијата“, а во 2018 година се стекнува со звањето доктор по филолошки науки на Филолошкиот факултет при УКИМ со одбрана на докторската дисертација на тема „Адвербијализацијата во македонскиот јазик“.
Во моментов работи како лектор по македонски јазик во Агенцијата за примена на јазикот.
Нејзини досега објавени дела се: драмолетите за деца „Новогодишни едночинки“; збирките раскази „Класифицирано“, „Канцелариски колумни“ и „Заорани“; стихозбирката „Љубов од А до Ш и обратно“; романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени и објавени на германски јазик), „Дневници на една љубов“, романот „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ во 2017 г. од страна на ДПМ (преведен на српски и на руски јазик) и романот „Два Божика“. За поемата „Капетаните“ ја доби наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2020 г. Добитник е и на три награди за најдобар краток расказ на Нова Македонија (Прва награда за најдобар краток расказ 2021 г. за расказот „Ронка леб“ што е поместен во збирката раскази „Луѓенца“ (2022, ПНВ Публикации).

Лилјана Пандева е и еден од добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2021 г. во областа култура.
Автор е и на повеќе научни трудови од областа на македонистиката со кои настапувала на домашни и меѓународни конференции, семинари и симпозиуми од областа на македонистиката и лингвистиката воопшто.

Поврзани вести