
Археолошкиот музеј денеска го промовираше каталог „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ објавен под покровителство на Министерството за култура и туризам.
Изданието е сведоштво за долгогодишната посветеност кон истражувањето, зачувувањето и претставувањето на нашето културно богатство. Но, исто така, изданието е резултат на тимска работа, љубов кон археологијата и желба за едукација и инспирација, соопшти Археолошкиот музеј.
Во време кога светот се менува со неверојатна брзина, кога кризите , било економски, еколошки или културни, нѐ потсетуваат на сопствената кревкост, токму културното наследство е тоа што не зацврстува. Ни покажува дека сме дел од една поголема приказна, рече Магдалена Манаскова, в.д. директорка на Археолошкиот музеј.
На 150 страници текст на македонски и англиски јазик, дополнети со фотографии во боја, ова издание е своевиден трејлер на истражувањата, заштитата и презентацијата на богатото археолошко наследство на нашиве простори, од страна на вработените во најстариот музеј во Македонија.
Во каталогот се претставени артефакти од 18 збирки, од палеолитот, неолитот, металното доба, антиката, средниот век, но и оружје од поново време. Книгата ја издаде Министерството за култура и туризам и со неа се комплетира приказот за работата на Археолошкиот музеј, по објавувањето лани на изданието за неговиот историјат, по повод прославата на 100-годишнината од формирањето, кажа професорот Драги Митревски на денешната промоција.
Професорот Митревски посочи дека недостасуваше ваква книга, да ја надополни таа слика.
Да ни каже со каква институција си имаме работа. Што има во таа институција, што можеме да видиме, што можеме да научиме ако отидеме во Археолошкиот музеј. Е, токму тоа ни го нуди оваа книга, рече проф.д-р Драги Митревски, промотор на каталогот.