
Премиерната изведба ќе се одржи на 25 јуни
НУ Народен театар Битола ја најавува премиерата на претставата „Госпоѓа Бовари“, според романот на Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски.
Премиерната изведба ќе се одржи на 25 јуни 2026 година (четврток), со почеток во 20:00 часот, на Големата сцена на Народен театар Битола.
„Госпоѓа Бовари“ е драмска приказна за желбите, илузиите и разочарувањата на Ема Бовари, жена која во потрагата по љубов, среќа и исполнет живот се соочува со судирот меѓу своите соништа и реалноста.
Авторскиот тим го сочинуваат: асистент на режија Андреј Цветановски, драматург Сашо Димовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, кореограф Олга Панго, композитор Горан Трајкоски, видео дизајнер Сергеј Светозарев, светло мајстор Игор Мицевски, тон мајстор Александар Димовски, видео оператор Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски и суфлер Гордана Михајловска.
Во претставата играат: Маја Андоновска Илијевски (Ема), Иван Јерчиќ (Шарл), Огнен Дранговски (Родолф), Никола Стефанов (Леон), Мартин Мирчевски (Лере), Сандра Грибовска Илиевска (Слугинка), Петар Мирчевски (Свештеник), Борче Ѓаковски (Исус Христос) и Ива Лазарова (Ќерката на Ема и Шарл).

Денес во Народниот театар Битола се одржа прес-конференција по повод претстојната премиера на претставата „Госпоѓа Бовари“, која ќе биде изведена на 25 јуни во 20:00 часот на сцената на Народниот театар Битола.
Пред претставниците на медиумите се обрати директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, кој истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што режисерот Дејан Пројковски е дел од најновата продукција на театарот.
„Тешко е да се зборува за Дејан Пројковски без да се употребат зборови како врвен уметник и театарски гигант. Иако денес е препознаен и ценет насекаде, за нас тој е пред сè битолчанец и човек кој секогаш се враќа дома. Затоа ми е особено драго што токму тој ја режира оваа претстава“, истакна Мавровски.
Тој нагласи и дека претставата се реализира во соработка со ЈОУ Културен и информативен центар – Битола, а е дел од програмата на Битолското културно лето – БИТФЕСТ, уште еднаш потврдувајќи ја заложбата на културните институции во градот за создавање на врвни културни настани.
На прес-конференцијата се обрати и самиот Дејан Пројковски, кој упати искрена благодарност до Народниот театар Битола и до директорот за поканата и довербата да ја реализира оваа претстава. Тој не ја криеше благодарноста ниту кон актерската и техничката екипа, истакнувајќи дека зад претставата стои огромна посветеност, труд и љубов кон театарот.
Секако, ниту една прес-конференција не би била целосна без дел од актерската екипа. Денес пред медиумите се обратија Маја Андоновска Илиевски, која го толкува ликот на Ема Бовари, и Никола Стефанов во улогата на Леон.
Двајцата актери со голем ентузијазам зборуваа за соработката со Пројковски и за креативниот процес низ кој поминале во текот на подготовките. Тие истакнаа дека ликот на Ема Бовари и денес е исклучително актуелен и дека секоја современа жена и девојка ќе може да препознае дел од своите соништа, желби, разочарувања и стремежи во оваа безвременска приказна.
Премиера: 25 јуни
20:00 часот
Народен театар Битола

Македонски



