Skip to main content

Предавање и интерактивен квиз за научната фантастика во македонската книжевност во Македонскиот КИЦ во Загреб

Во неделата кога го одбележувавме 5. Мај – Денот на македонскиот јазик, ден што нè потсетува на значењето на јазикот како темел на нашиот културен и национален идентитет, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб беше дел од повеќе активности кои придонесуваат за афирмација, негување и промоција на македонскиот јазик.

        Во рамки на активностите вчера во македонскиот КИЦ во Загреб Маријана Јанчевска – Угарковиќ одржа предавање, интерактивен квиз и разговор на тема „Научна фантастика: приказната на Македонија“. Настанот привлече бројна публика заинтересирана за книжевноста, културните наративи и научната фантастика. На иницијатива на наставничките кои предаваат македонски јазик и култура, предавањето и квизот со голем интерес го проследија и ученици кои го изучуваат македонскиот јазик во Хрватска.

        Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска во своето воведно обраќање посебно ги поздрави учениците заблагодарувајќи се за нивниот интерес и присуство и истакнувајќи дека „во неделата на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик овој настан е особено важен за отворање нови перспективи во проучувањето на јазикот и јазичното творештво, како и за начините на кои фикцијата може да послужи како средство за разбирање на реалноста.“

        Маријана Јанчевска – Угарковиќ преку интересно и динамично излагање ја доближи темата на научната фантастика како простор за потврдување на историјата и идентитетот. Преку предавањето и интерактивниот квиз, публиката имаше можност активно да учествува, да разменува мислења и да ги прошири своите знаења за овој книжевен жанр и неговите специфики во македонски контекст.

        Настанот помина во поттикнувачка и отворена атмосфера, со голем интерес од страна на публиката која активно учествуваше во дискусијата.

        Македонскиот КИЦ во Загреб и со оваа програма уште еднаш ја потврди својата улога како простор за средби и културна размена, промовирајќи современи теми и поттикнувајќи интеракција меѓу публиката и авторите.

        Проектот „Научна фантастика: приказната на Македонија“ е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржан од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести