Skip to main content

„Вкрстени погледи: културно наследство и современа уметност” во Француски институт во Скопје

Францускиот институт во Скопје организира ново и проширено издание на „Изложба и уметничка средба”, насловено „Вкрстени погледи: културно наследство и современа уметност”, коешто ќе се одржи во вторник, 12 мај 2026 година, во 19:00 часот, во Францускиот институт во Скопје.

Настанот ќе го отвори Н.Е. Г. Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција.

Вечерта е посветена на дијалог помеѓу францускиот сликар Клеман Бедел и македонските уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски.

Поаѓајќи од архитектонски и монументални форми поврзани со пост-ексју просторот, ликовните дела на Клеман Бедел и колаборативниот проект „Македомиум: драматургија на незавршеното“ на Христина Иваноска и Јане Чаловски ја разработуваат темата за културното наследство преку современата уметност.

Проектот „МАКЕДОНИУМ – Драматургија на незавршеното“ (2023) на Христина Иваноска и Јане Чаловски е сеопфатен колаборативен проект составен од книга, филм, скулптура и серија од 12 графики, реализиран во соработка со режисерката Теона Стругар Митевска и графичката дизајнерка Неда Фирфова, заснован врз долгогодишно истражување во архивите на Јордан и Искра Грабулоски, автори на Споменикот „Илинден” (познат и како „Македониум”) во Крушево (1979). Преку овој проект, кој ги спојува книгата, филмот, скулптурата и графиките, Иваноска и Чаловски ја испитуваат конструкцијата на монументалните наративи и нивните современи судбини, одбивајќи да ги сведат на обични естетски форми

Сликите на Клеман Бедел пак ја истражуваат чувствената тежина на овие архитектури, она што тие го чуваат во себе, нивното присуство или двосмисленост во денешнината.

Кураторка на настанот е Мелоди Робин.

Настанот ќе се одржи со консекутивен превод.

Поврзани вести