Skip to main content

Македонскиот КИЦ во Загреб достојно ја претставува македонската култура: Трио Аперто ја отвори концертната програма 2026

Извонредна атмосфера и аплаузи ја одбележаа концертната вечер со која македонскиот КИЦ во Загреб свечено ја отвори концертната програма за 2026 година. Публиката со големо внимание и воодушевување го проследи настапот на реномираното македонско трио АПЕРТО, кое со својата врвна уметничка изведба уште еднаш потврди дека претставува еден од препознатливите и високо ценети камерни состави на македонската музичка сцена.

Концертната програма за 2026 година свечено ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, која во своето обраќање истакна дека програмата и понатаму ќе биде фокусирана на промоција на современата македонска уметност, богатото македонско културно наследство, поддршка на врвните уметници и продлабочување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Македонскиот КИЦ во Загреб и оваа година продолжува со внимателно креирана програма преку која македонската култура достојно се претставува пред хрватската публика. Особено ни е важно што концертната сезона ја отвораме со уметници кои преку својот квалитет и посветеност ја афирмираат македонската музичка уметност и создаваат простор за нови културни соработки и уметнички вредности. Реализацијата на годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб се остварува со поддршка од Министерството за култура и туризам, со што се овозможува континуирано претставување и афирмација на македонската култура пред меѓународната јавност“, истакна директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.

На концертот присуствуваше и македонскиот амбасадор во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој ја поздрави публиката и ја истакна важноста на културната дипломатија и улогата на македонскиот КИЦ во Загреб во афирмацијата на македонската култура во меѓународен контекст.

Триото АПЕРТО, составено од врвните уметници Марина Трајковска – виолина, Момчило Куфојанакис – виолина и Весна Ангелова Христов – пијано, веќе подолг период активно дејствува на македонската и меѓународната музичка сцена, со јасна мисија за афирмација и развој на класичната музика и камерното музицирање. Нивната уметничка соработка претставува значаен придонес за збогатување на музичко-сценската дејност, не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво.

Во изминатите години триото реализираше успешни концерти во повеќе градови во Македонија, а на меѓународен план настапуваше во Тирана, Истанбул и Њујорк, претставувајќи ја македонската музичка уметност пред поширока публика.

Вчерашниот концерт донесе внимателно избрана програма која опфати различни епохи и музички стилови, со особен акцент на македонското современо творештво, регионалната музичка соработка и делата од светската класична музика.

На програмата беа изведени дела од македонските композитори Б. Цанев, Б. Светиев и Б.Илин (Елизабета Илиевска), чии композиции се инспирирани од македонскиот музички фолклор и современиот музички израз. Триото АПЕРТО во својот репертоар посветува особено внимание на промоцијата и афирмацијата на македонските автори, со цел нивното творештво да биде доближено до домашната и меѓународната публика.

Посебно значење имаше и изведбата на дело на хрватскиот композитор од новата генерација А. Божиќ-Кудриќ, во чие творештво се препознаваат елементи од хрватскиот фолклор и традиција. Неговото присуство на програмата претставува симболична поврзаност меѓу македонската и хрватската културна сцена токму во Загреб.

Концертот опфати и дела од М. Мошковски, Г. Форе и А. Шнитке, чија музика внесе дополнителна стилска разновидност и длабочина во програмата. Романтичната лирика на Мошковски, суптилната емоционалност на Форе и експресивниот музички јазик на Шнитке беа поздравени со силен аплауз и исклучителни реакции од публиката.

Особено внимание привлече фактот што триото АПЕРТО е ретка камерна формација – две виолини и пијано – што претставува вистинско освежување на концертната сцена и можност овој тип на камерно музицирање да се доближи до пошироката публика.

Со овој концерт поддржан од Министерството за култура и туризам, македонскиот КИЦ во Загреб ја продолжува својата мисија за промоција и афирмација на македонската култура во меѓународен контекст, при што ваквите настани ги рефлектираат државните политики за развој на културната дипломатија како значаен двигател за јакнење на меѓукултурниот дијалог, културната размена и меѓународната соработка.

Поврзани вести