Skip to main content

Се сеќавате на Тимошенко? Украина и го врати пасошот

Високиот антикорупциски суд на Украина не продолжи дел од претходно изречените ограничувања за лидерката на партијата „Баткившчина“ (Татковина) и поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко, која е осомничена во предмет поврзан со наводно поткупување пратеници во Врховната рада.

Според украинските медиуми, судот ѝ го вратил пасошот на Тимошенко и ѝ овозможил да го напушта Киев, како и да патува во странство доколку патувањата се поврзани со нејзините парламентарни и политички активности. Истовремено, судот ја остави во сила обврската таа да се јавува на секој повик од истражител, обвинител или суд, како и да ги известува надлежните органи за промена на местото на живеење или работа.

Украинските медиуми наведуваат дека одлуката е донесена на 7 мај, а процесните обврски остануваат во сила до 7 јули, во рамките на рокот предвиден за предистражната постапка. Претставници на партијата „Баткившчина“ соопштија дека на Тимошенко ѝ е овозможено послободно движење поврзано со политичките обврски.

Коментирајќи ја одлуката, Тимошенко оцени дека станува збор за уште еден чекор кон победа, тврдејќи дека случајот против неа се распаѓа и дека има политичка заднина. Таа претходно ги отфрли обвиненијата, нарекувајќи ги провокација и политички мотивиран прогон.

Националното антикорупциско биро на Украина и Специјализираното антикорупциско обвинителство во јануари соопштија дека Тимошенко е осомничена во случај поврзан со наводна понуда на незаконска корист за пратеници. Според истрагата, не станувало збор за еднократен договор, туку за наводен механизам на соработка што подразбирал насоки за гласање и финансиски надомест. Ројтерс тогаш објави, повикувајќи се на извор запознаен со случајот, дека истрагата се однесува токму на Тимошенко.

Високиот антикорупциски суд на 16 јануари одреди кауција од повеќе од 33 милиони гривни и воведе низа ограничувања, меѓу кои забрана за напуштање на Киевската област без дозвола и ограничување на комуникацијата со одредени пратеници. Според украинските медиуми, кауцијата во меѓувреме била уплатена.

Одделно од постапката во Украина, руските правосудни органи претходно покренаа постапка против Тимошенко во отсуство, во предмет поврзан со наводно ширење лажни информации за руските вооружени сили.