Skip to main content

Почна проектот „Стрип креатива – стрипот може“

Томе Трајков, стрип работник и долгодишен промотер на оваа уметност на сопствена иницијатива, а со поддршка од Министерството за култура, преку јавен повик за креативните индустрии, почна со еден мал но значаен проект насловен „Стрип креатива- стрипот може“  за афирмација на македонската стрип култура. Проектот ќе се реализира до крајот на октомври годинава.

Како што информира Трајков, како дел од активностите, ќе биде изработен каталог во ПДФ формат во кој ќе бидат претставени избрани македонски автори, ќе се вклучи пригоден текст за стрип сцената и издаваштвото во земјава, ќе се презентираат муралите од Велес и искуствата со стрип мурали од странство. Тој ја напомена и идејата за основање на стрип музеј во Велес, со споредба со слични иницијативи во други земји. Во рамки на проектот ќе се реализираат и три објави на стрипови од македонски автори, црно-бели и на цела страна, во печатеното издание на весникот „Нова Македонија“.

Проектот е подготвен врз основа на одамна увидена ситуација. Усвоен е само половина од предложениот буџет, но според она што се има, главна цел е афирмирање на досегашни искуства во валоризирање на стрип културата како можност за генерирање на приход, појаснува Трајков.

Тој додава дека преку проектот ќе се промовира стрип сцената во Македонија и ќе се истакнат можностите за нејзина примена во различни општествени сектори, вклучително и економијата.

Оваа идеја ја држам во себе уште одамна. Едноставно, стрип фелата дава предност на читањето преку хартија, наспроти онлајн. Се залагам, и не само јас, за враќање на праксата за вклучување на стрипови во печатените медиуми. Тоа се уште го има во соседните земји, потенцира Трајков.

Според него, една од најмалку искористените можности што ги нуди стрипот е неговата примена во индустријата. Иако печатените изданија на македонски јазик, како што вели Трајков, немаат доволна профитабилност поради јазични бариери, европскиот пазар за стрипови во 2010 година изнесувал околу 400 милиони евра, а во САД и Јапонија уште повеќе.

Трајков потсети дека поранешна  Југославија, некогаш беше меѓу водечките пет земји во Европа според стрип издаваштво, додека денес, Франција и Јапонија имаат силни индустрии кои произведуваат по 5-6 илјади наслови годишно, а влијанието на француската култура преку стрипот е огромно.

Како предуслов, сепак, треба најпрво да се афирмира македонскиот стрип кај нас, да се врати приближно на она ниво и популарност пред 90-тите години од минатиот век. Треба списанијата и весниците редовно да содржат по неколку странички на стрип. Исто така, стрипот треба да влезе и во образованието и други сфери, потенцира Трајков.

Тој наведува дека во Хрватска стрипот се изучува факултативно, а на академијата во Софија се изучува два семестра во рамки на групата за дизајн и илустрација, но за жал тоа недостасува во нашата земја.

 На македонската публика ѝ се продава стрип преку разни предмети и играчки стрип-јунаци од странство: преку разни Дигимони, Покемони, Гастони, Текс Вилери, а наместо тоа да бидат автентични македонски стрип јунаци, вели Трајков. 

Поврзани вести