Skip to main content

Овации и долг стоечки аплауз за „Народен пратеник“ и „12“ на МНТ во Црногорско народно позориште

Црногорско народно позориште

Во рамки на одбележувањето на 80- годишниот јубилеј од постоење на Македонскиот народен театар (МНТ), установата почна со турнеја на најактуелните претстави од големата и малата сцена –  „12“ по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Предвидени се два блока на гостувања, надвор од границите како и во нашата земја. Во првиот блок се гостувањата во Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Големото патување започна со гостувањето во Црногорско народно позориште – ЦНП, Подгорица, каде што се одигра „Народен пратеник“, а потоа на 9-ти април, се одигра и претставата „12“.

Актерската екипа на двете претстави беше поздравена со овации и долг стоечки аплауз.





Во рамките на гостувањето на Македонскиот народен театар – МНТ во Црногорскиот народен театар, синоќа на Големата сцена беше изведена претставата „Народен претставник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин.

Вечерва пред нашата публика е претставата „12“ по текстот на Реџиналд Роуз во режија на Синиша Евтимов. Претставата ќе започне во 20:00 часот, со обезбеден титл, стоеше во најавата на Црногорско народно позориште.

По настапот во Црна Гора, на 11-ти април следи гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12-ти април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина. На 15-ти април со претставата „12“, МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес.

Огромна чест е да се учества на 70-тото „Стериино позорје“, Нови Сад, каде што на 1-ви и 2-ри јуни пред новосадската публика ќе се одигра претставата „Народен пратеник“. Претставата „12“ на 17-ти јули ќе биде дел од програмата на „Охридско лето“, а истата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во вториот блок, во текот на септември предвидено е гостувањето со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија. Гостувањето во театарот „Иван Вазов“, Р. Бугарија ќе се случи наесен, 2025 година, со претставата „Народен пратеник“.

Ова нека не биде само патување низ простор и време туку и патување низ душата на уметноста, која ќе нѐ потсети дека театарот е одраз на животот во неговата најчиста форма, велат од МНТ.

Поврзани вести