Skip to main content

Нова премиера во Битолскиот театар „Чорбаџи Теодос“ во режија на Дамјан Димовски

Во Битолскиот театар се одржа прес конференција посветена на најновата премиера ,,Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски . 

Среќен сум што еден млад човек се зафати да работи театар со љубов. По 4-ти пат ова дело се поставува на сцената на Битолски театар. Првата поставка беше во 1946 година, истакна на почетокот директорот Васко Мавровски. Тој додаде дека и покрај наследениот милионски долг, се работи интензивно во театарот и се стигна до 4-та премиера оваа година.

11 та премиера за 8 месеци за тоа време откако јас сум на чело на овој театар. На 16 ти јуни ќе се игра претставата „Жиголо“ која ќе биде 87 изведба на претстава со што се израмнуваме со бројот на претстави кои се изиграле за цела 2024 година, а ќе завршиме со премиера на „Рибарски караници“, која ќе биде 101 изведба за 2025 година, и со тоа ќе го достигнеме бројот на вкупна публика, 17688 гледачи, кои биле присутни за цела 2024 година. До овој момент не посетиле повеќе од 13000 гледачи. Ова се бројки кои ни значат многу бидејќи успеавме да се надминеме себеси, и успеавме да го вратиме театарот на една брза лента на едно време кога Мицевски беше уметнички директор, а Светозарев директор, кога ни се случуваше да имаме и по 250 изведби годишно. Така што мислам дека сме на добар пат и се заблагодарувам на секој еден посетител“.

Оваа претстава е дипломска работа на режисерот.

Голема работа е да се даде можност како што мене Битолски театар ми ја даде, да ја работам својата дипломска претстава овде. Екипата ми даде доверба за идејата да поставиме еден култен текст за македонската драматургија, да му дадеме еден нов и свеж изглед на целиот концепт. За мене од големо значење е што националните куќи даваат можност на младите уметници да се изразуваат на нивните сцени. Работите кои се случуваат во самиот текст на Иљоски од тоа време, некако ни се случуваат повторно во поинаква амбалажа. Луѓето некако ја имаат изгубено емпатијата и разбирањето и сите сакаме да стигнеме до целта прегазувајќи го другиот, а не во соработка со него. За овој начин на живот кој ние денес го живееме потребно е да постои таа емпатија помеѓу нас“.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска.

Ние во театарот земаме различни приказни, поставуваме и одговараме прашања, достигнуваме до некакви концепти за решавање на современите проблеми, но хуморот е една од важните алатки кои ни даваат некакви одговори на тие негативни прашања и затоа оваа комедија беше една од важните претстави кои ги поставуваме оваа година, стигнавме до осовременување на овој процес. Комедијата соодетствува со нашата актуелност. Во процесот тргнавме кон едно истражување, но не експериментиравме. Стигнавме до една предлошка која ќе комуницира со оваа сценска матрица, а користевме материјали кои се од Иљоски, од Шекспир, имавме мали документарни интервенции, се со цел претставата на крајот да не донесе до оние моменти на осознавање во животот, да се даде шанса на децата,  светот, општеството.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски.

Сакавме да имаме претстави од секој вид, за секого, од детски до претстави за средношколци, класични и сл. Најважно во оваа претстава е што имаме млад режисер од Битола, кој ни го привлече вниманието со неговата претстава правена по Отело, која ја видовме на неделата на независен театар во Драмски во Скопје, а потоа беше и во МНТ, публиката во Битола ќе може да ја види во рамките на Шекспир фестивалот. Мене ме повлече во процесот на работа како костимограф е тоа што Дамјан во идејата покажа респект кон македонската традиција, драма и овој Битолски театар. Ме инспирираше таа негова визија, колку голем притисок правиме кон децата во нивните одлуки.

Во претставата играат Живко Борисовски, Марија Стефановска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Сандра Грибовска Илиевска, Елена Моше, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски, Марија Цветановска.

Лакомото око и грабливата рака за жал продолжуваат и по 100 години, пред се сум среќен за соработката со Дамјан со екипата. Многу е добро тоа што се враќаме на наши македонски текстови, за да се врати и најмладата публика, рече актерот Живко Борисовски.

Музиката е на Александар Димовски, светло Игор Мицевски, инспициент Оливер Петровски, суфлер: Гордана Михајловска. Премиерата на ,,Чорбаџи Теодос“ е на 26.мај со почеток од 20 часот.

Поврзани вести