Skip to main content

Љутков: Нека 2026 година биде доказ дека Кичево знае, умее и може да биде пример како се негува и развива културниот дух

„Нека 2026 година биде доказ дека Кичево знае, умее и може да биде пример како се негува и развива културниот дух“, порача министерот за култура и туризам на денешната прес-конференција, со што започна културната мисија на Кичево како „Град на културата за 2026 година“.

Според Љутков, ова е признание за културната зрелост, истрајноста и творечката енергија што градот ги гради со децении, но е и обврска за уште посилен развој во периодот што следува. Тoj додаде дека културата во Кичево е секојдневна вредност и жив дух на заедницата, каде што традицијата и современоста се спојуваат во хармонија.

„Токму затоа, оваа година треба да ја искористиме како можност за создавање нови партнерства, за отворање на институциите кон младите и за креирање културни содржини кои ќе остават трајни вредности. Да ја претвориме 2026 во година на културна афирмација, година во која Кичево ќе биде препознаено како центар на креативност, инспирација и современа мисла“, рече министерот Љутков.

За реализација на програмските активности, Министерство за култура и туризам обезбеди четири милиони денари, а со тоа се потврдува определбата за поддршка на сеопфатна, квалитетна и разновидна програма што ќе го истакне културниот потенцијал на градот.

Градоначалникот Александар Јовановски го оцени настанот како историски момент за градот.

„Културата не е трошок, таа е инвестиција. Инвестиција во иднината на нашите деца, инвестиција во заедништвото, инвестиција во идентитетот“, истакна Јовановски, додавајќи дека титулата им припаѓа на сите граѓани, институции и уметници кои ја создаваат културната приказна на Кичево.

Поврзани вести