Skip to main content

„Литера“ го освои признанието за најдобар фестивал во 2024

Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ја доби престижната награда за најдобар фестивал во 2024 година, на годинешната манифестација „Best Event Awards Macedonia – BEAM“.

Оваа награда е исклучително важно признание бидејќи ја отсликува напорната работа и посветеноста на тимот што го организира фестивалот, туку и афирмација на „Литера“ како мост помеѓу културите, љубов кон книгите и уметноста и инспирација за најмладите.

„Литера 2024“, под мотото „Летаме заедно“, ги отвори вратите за магичниот свет на детската литература и илустрација, поставувајќи ја Турција како земја во фокус. Од отворањето на изложбата со повеќе од 150 илустрации на познати турски илустратори, до ликовните работилници, средбите со автори и промоциите на најновите изданија на македонските издавачи, секој момент на фестивалот беше исполнет со инспирација и креативност.

„Литера не е само фестивал – тоа е место каде зборовите, боите и сликите се спојуваат во едно, креирајќи нови светови за нашите најмлади. И оваа година, како и секоја претходна, создадовме простор за размислување, учење и поврзување на различни култури. Сите тие мали, но големи моменти што се случуваат кога децата и возрасните заедно „летат“ во светот на книгите, ќе продолжат да живеат и растат“, вели Софија Семенпеева, која е креатор и организатор на фестивалот.

Во април годинава ќе се одржи седмото издание на фестивалот, чија основна мисија останува поттикнување на детската креативност и развој на нивната емоционална интелигенција преку дружење со квалитетна литература и илустрација, соодветна за нивната возраст. Зад организацијата на фестивалот стои тим од 20 лица, вљубеници во литературата и уметноста. Литера е единствен фестивал од ваков вид во државата и го зазема своето место на културната мапа, не само во земјата, туку и во целиот регион.

Поврзани вести