Skip to main content

Книжевна средба „Tворештвото на Ани Ерно: сеќавање, жена и општество”, по повод Светскиот ден на книгата

Францускиот институт во Скопје организира книжевна средба насловена „Tворештвото на Ани Ерно: сеќавање, жена и општество”, по повод Светскиот ден на книгата.

Настанот ќе се одржи во петок, 24 април 2026 година, со почеток во 13:00 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” – Скопје.

Средбата ќе ја отворат г-дин Јовица Никчевски, Директор на Националната и универзитетска библиотека, и г-дин Грегоар Жислер, Директор на Францускиот институт во Скопје.

Оваа книжевна средба, организирана во соработка со Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” и издавачката куќа „Илика“, претставува можност публиката да се запознае подлабоко со делото на Ани Ерно, значајна фигура на современата француска литература и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година.

Преку излагањата на говорниците, ќе бидат истражени централните теми на нејзиното творештво: индивидуалното и колективното сеќавање, положбата на жената и интимните и политичките димензии на автобиографското пишување.

На средбата ќе говорат:

  • Елисавета Поповска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје и преведувачка на романот Девојчински спомени;
  • Андријана Папиќ, преведувачка на романот Годините и соработничка на издавачката куќа Илика;
  • Ивана Трајаноска, декан на Факултетот за странски јазици на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и писателка;
  • Ведран Диздаревиќ, професор на Филолошкиот факултет, Катедра за компаративна книжевност.

Средбата ќе ја модерира Мања Величковска, истражувачка во рамките на „Коалиција Маргини”.

Настанот ќе се одвива на македонски јазик.

Поврзани вести