Skip to main content

„Као какао“ – прв македонски мјузикл на музика на Влатко Стефановски, премиерата во мај

„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл на музика на гитаристот Влатко Стефановски, кој премиерно ќе биде изведен во мај, во копродукција на „Баги комуникации“ и Македонскиот народен театар. Текстот за мјузиклот е напишан од Венко Андоновски, режисер е Дејан Пројковски. Засега во план е мјузиклот да има 19 композиции на Стефановски кои ќе бидат изведени во нови аранжмани направени од Бобан Мирковски. 

Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференција денеска рече дека идејата за проектот е од пред три години, а активностите почнале лани во јуни.

Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што е најиздржаниот и најпризнат музички опус од нашата држава во модерната музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и брендот на името на Влатко, направивме тим кој во својата работа ќе одговара на неговото дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе, сите врвни професионалци во својата работа. Ова ни дава право да мислиме дека, доколку не е најдобриот, сигурно е еден од најдобрите културни проекти направени во последните децении, и да се надеваме дека ќе успееме да излезе надвор од границите на нашата држава, рече извршниот продуцент Мандичевски.

Приказната од мјузиклот на сцена ќе ја раскажат младите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ во двата главни лика Дона и Џими. Тие се избрани од кастинг-директорката на проектот Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, ќе учествуваат повеќе актери, екипата ќе се дополнува. За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценограф – Валентин Светозарев. 

Текстот за мјузиклот го читав во авион и ме насмеа три пати, а ме расплака два пати. Тоа е гаранција дека текстот е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Дејан Пројковски, знам дека е најдобар режисер не само македонски, туку и регионален и дека има енергија и капацитет сето тоа да го скоцка и да го стави во некоја форма, рече Стефановски на денешната прес конференција и посочи дека воопшто не се сомнева ниту во младите актери и пејачи бидејќи, како што рече имаме талентирани млади луѓе и верува дека ова ќе биде интересен и успешен проект.

Текстот за мјузиклот е напишан од Венко Андоновски

Јас имав сериозна желба да го надминав Влатко Стефановски во гитара. Не успеав отидов на книжевност, а првата книга што ја добив беше „Диво месо“ на Горан Стефановски. И него не успеав да го надминам, ама еве Господ ги реди работите па ќе работиме заедно, рече Андоновски и рече дека неговата генерација ја имала среќата да има светски гитарист во Тафталиџе.

За Андоновски, Влатко е човек епоха, тој не е само музичар и кога седнал да работи сфатил дека нема многу работа.

Добив одбрани песни и музиката ме водеше. Самите песни раскажаа своја приказна. Неговата музика говори, неговата гитара говори и приказната сама си се склопи. Тоа е мелодрамска приказна со неверојатен копнеж да се успее. Направив мелодрамска структура доста холивудски ориентирана, меѓутоа мислам дека ја внесов мојата љубов и страст кон музиката на Влатко Стефановски, рече Андоновски.

Дејан Пројковски во моментов е најнаградуван во Македонија и во регионот и присутните се согласија дека не се сомневаат оти тој ќе направи одличен мјузикл.

Голем предизвик е овој мјузикл и тргнавме да работиме многу храбро, а тоа значи дека ќе се обидеме да направиме оригинален автентичен македонски мјузикл кој ќе ги држи структурите на мјузиклот, но ќе се обидеме да создадеме еден наш оригинален јазик внатре и тоа мислам дека ќе биде голем предизвик за сите нас. Создаваме еден продукт кој треба да стане продукт кој ќе ги полни салите во региони и тоа е нашата идеја и чест ми е и многу сум возбуден поради делото за кое мислам дека сите ќе се радуваме, рече Пројковски.

Бобан Мирковски доби обемна задача- да ја аранжира музиката. Посочи дека кога ќе заврши целиот процес ќе каже колку е среќен и горд што е дел од проектот.

Задачата навистина е сериозна и одговорна. Кај мене има голема еуфорија и со голема чест работам на проектот. Но, кога Влатко Стефановски ми даде слобода да ја користам неговата музика која ја создавал цел живот- Од мене имаш отворени раце слободно уживај!- јас решив дека ќе уживам во целиот процес и се надевам дека ќе ја оправдам довербата, рече Мирковски.

Олга Панго е кореограф во мјузиклот и самата играла во „Зодијак“-на музиката на Влатко Стефановски и сега, како што рече, дојде време да прави кореографија на неговата музика.

Мјузиклот е најсложената сценска форма која содржи и драма и танц и пеење и ќе треба да одговориме на една голема и тешка задача, еден голем предизвик и се надевам дека ќе удриме во центарот. Правиме македонски мјузикл и тоа треба да личи на нешто што е светско. Имам искуство, но ова е нешто поинаку. Има македонска душа, македонски тон што треба да биде малку поразлично од тоа, но сепак да ја задржиме формата. Се надевам на голем успех, заврши Панго.

Поддржувачи на проектот се „Триглав“ осигурителната компанија и „Шпаркасе“ банка, кои како што истакна Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ уште во мај дале поддршка на проект кој уште бил на хартија.

Вакви проекти од независна продукција е невозможно да се направат без поддршката од општествено одговорни компании, рече Бабиќ.

Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ ги играат двата главни ликови. Тие изразија благодарност за честа да се дел од овој проект и изразија подготвеност да одговорат на предизвикот. Според актерите привилегија е да се живее во време на вакви велични, а уште повеќе да се работи на проект со нив. Ова го сметаат за најголем предизвик во досегашната кариера, чест е да се отпеат песните на Влатко Стефановски на сцена и се надеваат дека проектот ќе ги полни салите во Македонија, а ќе доживее успех и во странство.

Поврзани вести