
Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030, Шабан Салиу, во соработка со австриската амбасада и Националната галерија, денеска заеднички ја организира ликовната работилница со наслов „Флора, фауна и покриви“, која ќе се одржи во Националната галерија Чифте амам во Старата скопска чаршија.

Како што информираат од Кабинетот на Салиу, на настанот ќе учествуваат ученици од петто до деветто одделение од Основното училиште „Аврам Пишевски“, кое ги опфаќа учениците од населените места село Бардовци и населбата Злокуќани од општина Карпош. Во ова училиште заедно учат деца Роми и Македонци, кои преку оваа активност ќе имаат можност за заедничко творење и дружење.
Ликовната работилница, како што се наведува во најавата, има цел да ја поттикне креативноста кај учениците, да ја зајакне меѓусебната соработка и да придонесе за поголема културна свест и разбирање. Воедно, настанот има цел да ги мотивира децата за понатамошно образование и личен развој преку промоција на инклузијата и заедничките вредности.

– Овој настан претставува пример за успешна соработка помеѓу институциите и меѓународните партнери во насока на унапредување на инклузијата и создавање еднакви можности за сите деца – посочуваат од Кабинетот на Салиу.
МИА
Фото: Кабинет на Шабан Салиу

Македонски

