Skip to main content

Емил Максен, познат шведски илустратор на детски книги денеска ќе ја промовира книгата „Големиот банкет“ во библиотеката во Кавадарци

Познатиот шведски илустратор на детски книги, Емил Максен, престојува во Македонија и на 4 декември, во 12 часот, во општинската библиотека „Феткин“ во Кавадарци, ќе присуствува на промоцијата на книгата „Големиот банкет“ чиј автор на текстот е Сара Бергмарк Елфгрен, a Максен е автор на извонредните и богати илустрации. На промоцијата се очекува да бидат присутни деца од училишна возраст, а ќе биде организирана и мала работилница, каде што илустраторот на децата ќе им презентира како се илустрираат книги, стрипови и списанија.
Книгата „Големиот банкет“ е авантуристичка, на моменти страшна приказна, за неумереното јадење и пиење, а од шведски на македонски ја преведе Ивица Челиковиќ. Главните ликови Амунд и Отилиа ќе бидат вовлечени во опасна и страшна авантура со вообразените војводи, итри мопсови, застрашувачи ѕверови и гнасни чудовишта.

Објавувањето на делото го поддржаа Европската унија и Министерството за култура, во рамките не проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“ во изминативе две години објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.
Емил Максен, е роден во 1989 година. Тој е илустратор, писател и стрип уметник. Во 2019 година ја доби шведската награда Алберт Енгстрем за млади илустратори, а во 2021 година беше во потесен избор за наградата за цртежи на Урхунден.

Поврзани вести