Skip to main content

„Дамки“ – естетика на трагата и поетика на согорувањето

Кон изложбата „Дамки“ на Перо Кованцалиев, Македонски културно -информативен центар во Софија, 14.05.2026 г.

Во времето на забрзаната потрошувачка, на хиперпродукцијата и на цивилизациската бучава што постојано создава нови слики, нови предмети и нови потреби, изложбата „Дамки“ на Перо Кованцалиев се појавува како тивок, но длабоко вознемирувачки визуелен чин. Ова не е изложба што се обидува да го освои гледачот со спектакл, ниту со декоративна убавина, таа функционира како простор на трага, како археологија на исчезнувањето, како визуелна филозофија на она што човекот сака да го оттурне од својата свест, отпадот, согорувањето, остатоците и минливоста.

Поставена во галеријата на Македонски КИЦ во Софија, изложбата отвора едно суштинско прашање: што останува по човекот? Не само како материјален остаток, туку како духовна, психолошка и цивилизациска трага. Во делата на Кованцалиев, одговорот не доаѓа преку директна нарација или јасна симболика, туку преку самата материја. Чадот, пепелта и микро честичките од согорениот текстилен отпад стануваат јазик преку кој проговорува современиот свет.

Во основата на изложбата лежи еден парадоксален, но длабоко филозофски чин: уништувањето станува создавање. Материјата мора да изгори за да остави трага. Отпадот мора да исчезне за да стане видлив. Во тој процес Кованцалиев создава дела што не се само слики, туку отпечатоци од еден настан, остатоци од еден процес на трансформација. Овде уметноста не произлегува од чиста форма, туку од распаѓање.

Токму затоа „Дамки“ може да се чита како изложба за онтолошката состојба на современиот човек. Денешниот човек живее во постојан процес на согорување: економско, емотивно, духовно и егзистенцијално. Ние произведуваме повеќе отколку што можеме да почувствуваме, трошиме повеќе отколку што можеме да поднесеме и создаваме повеќе отпад, отколку што сме подготвени да признаеме. Во тој контекст, чадот во делата на Кованцалиев не е само визуелен ефект, туку тој е метафора за цивилизацијата што самата себе се согорува.

Особената сила на изложбата лежи во тоа што авторот успева да ја преобрази деструкцијата во поетика. Чадот, кој во секојдневната перцепција најчесто е знак на опасност, загадување или исчезнување, овде добива речиси духовна димензија. Тој се движи низ површината како жива материја, како здив, како сенка од нешто што исчезнува токму во моментот кога се појавува. Формите што ги создава се истовремено кревки и драматични, нежни и немирни. Во нив има и тишина, и внатрешен крик.

Во одредени композиции чадот делува како калиграфија на несвесното, како флуидна и речиси медитативна врска. Во други, пак, темните наслаги создаваат чувство на тежина и задушеност, како материјализирана анксиозност на современото постоење. Токму во таа постојана промена помеѓу леснотијата и тегобноста се создава длабоката емотивна динамика на изложбата.

Кованцалиев не создава класична еколошка уметност во која проблемот е јасно именуван и визуелно објаснет. Неговата позиција е многу посуптилна и посилна. Тој не ја претставува кризата, туку ја остава самата криза да создава форма. Наместо да зборува за отпадот, тој му дозволува отпадот да стане слика. На тој начин уметникот ја урива границата помеѓу материјалот и значењето, така што делото не е претстава на проблемот, туку делото е самиот проблем трансформиран во естетско искуство.

Во филозофска смисла, изложбата отвора и прашања за меморијата и трајноста. Дамката е нешто што обично сакаме да ја избришеме. Таа претставува нарушување на чистотата, доказ за присуство, белег од некој допир или настан. Но кај Кованцалиев дамката станува центар на делото, бидејќи таа е суштина. Со тоа авторот ја превртува традиционалната естетска логика: убавината повеќе не произлегува од совршенството, туку од трагата на несовршеноста.

Во тој однос, може да се почувствува и една длабоко егзистенцијална димензија на изложбата, бидејќи како што сите знаеме, човекот, исто како чадот, постои помеѓу појавувањето и исчезнувањето. Што е повеќе од јасно дека секоја човечка активност остава трага, но таа трага истовремено е и доказ за нашата минливост. Токму во „Дамки“ постои постојано чувство дека гледаме нешто што веќе исчезнало, но сè уште одбива да замине. Токму таа присутност на отсутното ја создава силната психолошка и филозофска напнатост на делата.

Изложбата функционира и како критика на современата култура на заборавот. Имено, денешниот свет непрестајно произведува нови слики за да ги потисне старите, нови предмети за да ги замени потрошените, нови информации за да ја избрише меморијата. Но чадот не исчезнува целосно. Тој останува во воздухот, во површината, во телото, во свеста. Во таа смисла, „Дамки“ е изложба за неможноста на бришењето. За сè она што човекот сака да го оттурне, а сепак останува присутно како сенка врз современото постоење.

Особено е значајно што Кованцалиев успева да создаде дела што истовремено се визуелно минималистички и концептуално длабоки. Нема вишок на форма, нема агресивна симболика, нема наративна буквалност. Наместо тоа, постои тивка концентрација на материјата и гестот. Делата не комуницираат преку објаснување, туку преку присуство. Тие бараат од гледачот не само да ги гледа, туку и да ги почувствува.

Во таа тишина лежи и нивната најголема сила. Зашто „Дамки“ не е изложба што нуди одговори, туку таа нуди соочување. Со отпадот што го создаваме, со трагите што ги оставаме, со внатрешното согорување што го носиме во себе, и со фактот дека ништо навистина не исчезнува без да остави белег.

Перо Кованцалиев со оваа изложба создава редок пример на современа уметност што успева истовремено да биде естетски префинета, концептуално силна и длабоко човечка. Така што „Дамки“ не е само изложба на цртежи и објекти, туку таа е визуелен есеј за минливоста, меморијата, материјата и современата цивилизациска состојба.

По излегувањето од изложбениот простор, гледачот не ги носи со себе само сликите што ги видел, туку тој ги носи трагите од едно искуство што продолжува да тлее во свеста, како чад што полека исчезнува од видикот, но долго останува во дишењето.

Проф. д-р Зоран Пејковски

Поврзани вести