Skip to main content

Ученици од Скопје и Крива Паланка на церемонија за менување на државното знаме во претседателскиот кабинет

Пред крајот на учебната година, 335 ученици од основните училишта „Илинден” од Крива Паланка и „Љубен Лапе”, „Ацо Шопов”, „Лазо Трповски” и „Киро Глигоров” од Скопје беа учесници на традиционалната церемонија на менување на државното знаме во претседателскиот кабинет.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, церемонијата започнала со македонската химна, изведена од Воениот оркестар и придружена од детските гласови, по што учениците имале можност да ги разгледаат просториите на Кабинетот и да се запознаат со работата на институцијата. 

-Највозбудливиот дел од посетата следеше во дворот, каде што учениците разговараа со претседателката. Опкружена со стотици љубопитни погледи и кренати раце, таа одговараше на прашања врзани за детството и училишните денови, професорската работа и претседателските обврски – стои во соопштението.

Претседателката, додаваат, им порачала на учениците да го негуваат другарството, да се почитуваат, да поставуваат прашања и да не се плашат да размислуваат поинаку, оти токми љубопитноста е почеток на секое учење, а знаењето останува најсигурниот сопатник низ животот.

Фото: Кабинет на претседател

Поврзани вести