
Воениот советник на иранскиот ајатолах, Мохсен Резаи изјави дека преговорите помеѓу Иран и САД се во застој и оти американскиот претседател Доналд Трамп може да ги откочи.
Преговорите се во застој и господинот Трамп мора да го прекине застојот. Топката е во дворот на Трамп, истакна Резаи интервју за Си-ен-ен.
Тој посочи дека евентуален мировен договор помеѓу Техеран и Вашингтон зависи од тоа дали САД ќе ги ослободат 24 милијарди долари замрзнат ирански имот.
Иран бара ослободување на 12 милијарди долари замрзнати средства веднаш по потпишувањето на привремен договор, а дополнителни 12 милијарди долари во подоцнежна фаза.
Ако тој сака да постигне договор со Иран, овие 24 милијарди долари се тест за довербата што Иран сака да ја воспостави со Трамп. Тоа е тест што Америка мора да го положи, по што ќе се отвори патот. Тоа се наши пари, а не американски пари, наведе Резаи.
Тој и предупреди дека ако САД го продолжат судирот, Иран „ќе ја прошири војната“ од Ормуска Теснина до Индиски Океан, теснината Баб ел Мандеб, Црвено Море и Медитеранот.
Ќе ѝ дадеме на војната друга димензија со напаѓање на други американски бази, покрај оние што веќе ги нападнавме, истакна Резаи, додавајќи дека сепак, е „мала можноста за војна“.
Тој повтори дека Иран и Оман го имаат суверенитетот врз Ормуска Теснина.
Резаи како припадник на Револуционерната гарда се борел во Иранско-ирачката војна и ја предводел ИРГЦ од 1981 до 1997 година. Тој подоцна се приклучил на Советот за претпазливост, кој го советува врховниот лидер, и бил потпретседател во владата на поранешниот претседател Ебрахим Раиси.
Тој и четирипати неуспешно се кандидираше за претседател на Иран. (МИА)

Македонски


