Skip to main content

Чувствував обврска да ја поставам „Варвари“ од Горки која треба да нѐ потсети дека молчењето не е злато, вели Владимир Милчин кој најави дека ова е негова последна претстава во МНТ

Македонски народен театар

„Варвари“, дело на големиот руски писател Максим Горки премиерно ќе биде прикажана на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на професорот на Факултетот за драмски уметност (ФДУ) Владимир Милчин во четврток, на 13 ноември во 20 часот. Ова ќе биде последна претстава во Националниот театар која ќе ја режира Милчин (78), а оваа негова изјава на прес-конференцијата предизвика многу емотивни говори на дел на актерите присутни на средбата со новинари во МНТ.

Во претставата играат 23 актери, повеќето поранешни студенти на Милчин, што на проектот му дава дополнителна уметничка димензија, велат од националниот театар.

Делото „Варвари“ првпат се поставува на театарска сцена во Македонија. Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок.

Ова е моја последна претстава. Тоа е запишано кај мене. Во Скопје живеам на улица која се сече со „Максим Горки“. Тоа има некоја симболика дека човекот кој со својата симболика посветеност на правдата платил не само со својот живот, туку и со животот на својот син. Неговиот син е убиен од шефот на НКВД, Комесаријат за внатрешни дела или по наше МВР, во Русија, по револуцијата. Максим Горки долго беше премолчан таму, и не е случајно што практично оваа драма не е одиграна ни на руски ни во земјата во која авторот живеел пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен. Ова го кажувам оти приказната за Горки се третира како тој да бил со црвените и му било мед и млеко. Не му било ни нему ни на неговото семејство. Јас тоа го чувствував како обврска, оваа драма да се постави зашто таа не е умрена драма. Таа се уште има што да ни каже. За тоа дека е неопходна солидарност меѓу луѓето за да можат полесно да прежиеват кога ќе се најдат под каков да е притисок, дека молчењето не е злато, напротив, изјави Милчнин на денешната прес-конфренција.

Тој објасни дека процесот на работа бил подолог.

Александар Микиќ, Никола Ристановски, Гораст Цветковски и Ивица Димитријевиќ / Фото: Кире Галевски

Играат 23 актери и тоа покажува дека театарот влијае не само кога е камерен, влијае и кога е масовен, што е потешко, ако имате 23 актери со разни обврски Во театарот тоа подразбира меѓусебно разбирање и тоа ни помогна да ја направиме претставата со сите нејзини компоненти. Претставата ќе има публика која сака да се соочи со тоа дека актуелноста на драмата ‘Варвари’ треба да не потсети дека не живееме во совршен свет. И дека овој свет во кој живееме треба да се поправа а за да с епоправи тоа, театаот треба да ја одигра својата улога, општествена, изјави Милчин..

Актерот Тони Михајловски во претставата го толкува ликот на инженерот Черкун.

Мислам дека варварството не престанало, постои и ден денес во нас. Толкувам лик на млад инженер, Черкун, заедно со Никола Ристановски, кој го толкува ликот на постариот инженер. Черкун е селанец, кој успеал да заврши школо во тоа време и се етаблирал во високото друштво. Но, секогаш го задржал непосредното, руралното во себе. Директно ги кажува работите, обландирано со образованието кое го стекнал низ годините. Не грубо, како што тоа би го рекле на село, но непосредно. Ликот на Черкун ми наметна една дилема. Тој кажува дека знаењето е поважно од моралот. Колку слатко Горки да го напишал тоа, за мене моралот се уште е поважен од знаењето, а баш заради тоа што знаењето го туркавме пред моралот, стигневме до таму каде што сме денес. Што ќе рече дали е побитно да сретнете човек со високи, големи како планина дипломи, а со морал и етика нула, или да сретнете човек без образование, а со морал и етика големи како планина? Оваа дилема ми ја наметна ликот во овие девет месеци работа, рече Михајловски кој му се заблагодари на професорот Милчин, кој нему и на повеќето актери кои играат во претставата им го дал лебот што го јадат.

Михајловски призна дека бил изненаден од изјавата на Милчин и не знаел дека толку емотивно ќе го доживее тоа.

Не знаев дека тој ќе ја прави последната претстава и јас ќе играм во неа, заедно со моите колеги и мојот син, кој исто така дипломираше кај него, 20 години после мене. Многу емотивно за мене, се воздржувам да не пуштам крик, кажа Михајковски.

За Михајловски, „Варвари“ е задоцнета претстава во Македонија, таа требала многу порано да се направи.

„Варвцари“ изобилува со женски комплексни ликови, кажаа на денешната прес-конфренција. Софиа Насевска-Трифуновска, Габриела Петрушевска и Звездана Ангеловска се дел од претставата / Фото: Кире Галевски

Поборник дека театарот не треба да испраќа пораки, за тоа служат смс, мејл, протест, прес-конфренција. Театарот е за забава, а „Варвари“ е доста забавна претстава. Во неа ќе препознаеме дека многу малку сме се промениле, само сме се замаскирале во 21 век. Мислам дека ова ќе биде една претстава, репрезент на ансамблот на МНТ, ретки се ваквите претстави, ни го менуваат бифето, кое го немаме. Ова е нешто како тим-билдинг за театарот, вакви претстави во кои игра целиот ансамбл, во кој се запазнаваме себеси, ги разменуваме енергиите и беше прекрасно со овие колеги да се работи колку и да беше долг процесот, изјави Михајловски.

Директорот на МНТ Никола Кимовски кажа дека во годината кога МНТ одбележува 80 години од постоењето, првпат во историјата на македонскиот театар, делото „Варвари“ ќе оживее токму на сцената на МНТ.

И уште повеќе, благодарен што професорот Милчин го стави својот режисерки печат токму на оваа претстава. Благодарен сум на актерите, кои под палката на Милчин, безрезервно се дадоа во процесот на подготовките, како и на тимот зад сцената. И сите заедно успеаја да го материјализираат овој театарски подвиг – за првпат да ги погледнеме „Варвари“ на нашата сцена, изјави на денешната средба со медиумите Кимовски.

Главните ликови — интелектуалци, инженери, работници и обични луѓе — се поставени пред морални дилеми што ги откриваат нивните најдлабоки човечки слабости и противречности.

Како автор, Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот. Преку инженерите Черкун и Циганов, симболи на „железната“ Русија, која ја уништува човечноста на „дрвената“, Горки поставува суштинско прашање — дали напредокот има смисла ако не е заснован на морал и совест. Наспроти нив, студентот Лукин ја олицетворува немоќната интелигенција, која ја согледува неправдата, но не наоѓа сила да ѝ се спротивстави.

Костимографката Марија Папучевска направила многу впечатливи костими за „Варвари“ / фото: Кире Галевски

Во претставата играат: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов.

Креативниот тим на претставата го сочинуваат: сценограф – Беди Ибрахим, костимограф – Марија Пупучевска, преводот е на Ема Марковска Милчин и Владимир Милчин, aсистент на режисерот е Шенај Мандак. Изборот на музиката е на Милчин, а извршни продуценти се Виктор Рубен и Симона Угриновска.

Следната изведба е закажана за 14 ноември.

Поврзани вести