
Во раните митолошки традиции, забележани кај Хесиод, Горгоните се страшни суштества од крајните предели на светот. Персеј ја убива Медуза, единствената од нив што е смртна, а нејзината глава потоа станува моќен апотропејски симбол – лик што се користи како заштита од злото.
Но со текот на времето, наративот за Медуза се менува. Во подоцнежната литература, особено кај Овидиј, таа не е родена како чудовиште, туку е убава девојка/свештеничка која, по насилството што го претрпела во храмот на Aтена од страна на богот Посејдон, е казнета и претворена во Горгона. Така митот ја претвора жртвата во чудовиште – мотив што низ вековите ја обликувал перцепцијата за нејзиниот лик.
Денес, ваквите приказни сè почесто се читаат повторно. Научните истражувања покажуваат дека митологијата не е само збир од древни приказни, туку и огледало на општествените ставови и односот кон жените низ историјата.
Артефактот со ликот на Медуза од нашата колекција нè потсетува дека музеите не се само чувари на предмети од минатото. Тие се и места каде што старите наративи се преиспитуваат, а историјата се чита со нова чувствителност и критичка перспектива.
На 8 Март, Меѓународниот ден на жената, потсетуваме на важноста научните и културните институции активно да придонесуваат кон поправедно и понијансирано разбирање на минатото.

Македонски

