
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека 14 лица се повикани на разговор во врска со случајот на врсничко насилство врз шестоодделенка во скопската населба Ѓорче Петров. Меѓу повиканите се и родителите на трите ученички кои се осомничени за малтретирање на нивната соученичка.
Тошковски посочи дека истрагата е во тек и дека за дел од повиканите може да следуваат соодветни процесни дејствија. Во случајот е вклучено и Јавното обвинителство, кое постапува по насока на надлежен јавен обвинител.
Станува збор за малолетници, па јавноста ќе биде информирана внимателно и со ограничени детали – изјави министерот, нагласувајќи ја чувствителноста на случајот.
Тој потенцираше дека полицијата има континуиран фокус и на врсничкото насилство, иако во јавноста во последно време доминираат теми поврзани со семејно насилство.
Според него, решавањето на ваквите случаи бара координиран и системски пристап од сите релевантни институции – образовни, социјални и безбедносни. Особено ја истакна улогата на родителите во воспитувањето и однесувањето на децата.
Потребно е сите општествени чинители да се вклучат во справувањето со овој проблем, кој е присутен, иако не секогаш е видлив во јавноста – рече Тошковски.
Тој додаде дека институциите мора заеднички да работат на едукација, превенција и јасно дефинирање на границата меѓу прифатливо и неприфатливо однесување кај младите.

Македонски



