
Обвинителката Адела Бојчевиќ во завршните зборови побара максимална казна за Стојане Јовановски, кој се товари за три кривични дела поврзани со случајот со падот од тераса на неговата сопруга Ивана и нивната шестгодишна ќерка Катја.
Јовановски е обвинет за нанесување телесна повреда како резултат на семејно насилство, загрозување на безбедноста и наведување на самоубиство.
Обвинителството предлага максимална казна за сите три кривични дела, не само заради Ивана и Катја, туку и како порака до општеството дека физичкото насилство не смее да се толерира – рече обвинителката.
Според обвинителството, обемниот доказен материјал покажал дека Ивана подолго време била изложена на физичка и психичка тортура, како и на постојан страв дека ќе остане без дом и без своето дете, што на крај довело до трагичниот исход.
Обвинетиот не ја турнал од балконот со рацето, но доказите покажуваат дека ја довел во состојба во која таа повеќе не можела да види излез. Последицата е директен резултат на неговото насилство – посочи обвинителката во завршните зборови пред судот.

Македонски



