
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни ќе ја донесе конечната пресуда за петмината обвинети за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, откако денеска одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски и другите обвинети во случајот ги дадоа своите завршни зборови.
Палевски во завршните зборови денеска првпат ги посочи обвинетите Велибор Манев како организатор на убиствата, Боре Видевски како извршител, додека Влатко Кешишев како стражар на двата кривично-правни настани, откако претходно во завршниот збор од таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, беше прашан „зошто е убиена неговата ќерка“. – Ќе ја испочитувам желбата на оштетениот и обвинетот Александар Ѓорчевски, рече Палевски во неговото, како што рече, последно јавно говорење во врска со убиството на неговото дете и ќе даде одговор на прашањето кој и зошто ја убил малолетната Вања.
Манев денеска во судот срцепарателно, покајнички објаснуваше дека јас сум тој што ги манипулирал, ги изневерил, дека бил под уцена дека после убиството на Панче сум кажал дека ќе го убијам него и неговото семејство. Но, никој не го праша зошто го сликал Панче на 13.11.2023 година во неговиот автомобил? Со ниту една реченица Јосифовска не нѐ извести дека Манев го сликал Панче како стои до својот „цитроен“, околу 10 часот. Ја има во вештачените телефони. Зошто обвинет на кого му се заканува доживотен затвор не се сеќава каде му е пиштолот, рече Палевски.
Според него, планот на ОЈО бил како да наместат две убиства, кои веќе биле докажани, но како што рече, потребно било друг да биде сторител, а судот да осуди човек кој нема врска со тоа.
Се барав себеси и не најдов ниеден траг дека сум бил присутен во возило на две места на грабнување и на две места на убивање. ОЈО не презентира докази, а медиумите го лажат народот по наредба на ОЈО и на Гаврил Бубевски. ОЈО функционира така што прима и послушно исполнува политички наредби. ОЈО цели пет месеци изведуваше докази, два месеца слушавме сведоци, но немаше сведочење како се извршени злосторствата, со ниеден сведок кој видел или слушнал било што. Морав да утврдам сѐ, како тоа за мене нема докази, а јас сум убиец, рече Палевски.
Обвинетиот Боре Видевски кусо изјави дека нема да дава завршен збор, бидејќи, како што рече, нема што да додаде повеќе од она што го кажал неговиот бранител Бојан Манев. На минатото рочиште, неговиот бранител побара ослободителна пресуда посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент. Според него, правецот по кој што е водена истрагата за овие кривично-правни настани е целосно погрешен, а сите признанија се изнудени.
Обвинетиот Влатко Кешишев, пак, во своето обраќање пред Судот рече дека се кае и оти има грижа на совест за тоа што бил заедно со останатите обвинети, за кои, рече, разговарале, испланирале и завршиле сами сè, додека нему му било кажано да молчи и да не се меша.
Обвинетиот Велибор Манев во неговиот завршен збор го откри идентитетот на лицето кое добило задача од Палевски да го земе и да го уништи или скрие синиот ранец каде бил пиштолот и моторолите користени во двата кривично правни настани. – Ова е последната коцка од сложувалката, рече Манев, нагласувајќи дека ранецот е кај член на Десна, којшто беше уапсен денеска по исказот на Манев каде го посочи со име и презиме.
Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери, рече Манев.
Тој го повтори својот исказ даден претходно пред Судот во врска со двата кривично-правни настана нагласувајќи дека одлучил уште од самиот почеток на судењето да ја зборува вистината „без разлика колкава казна би добил“.
Од сите презентирани докази не негирав, туку и на нејасни снимки потврдував и признавав присутност. Не порекнував ништо што сторив и направив, не дообјаснував работи сѐ со цел судот да добие јасна слика за настаните што се случија. Се надевам дека Судот ќе ја цени мојата искреност за разлика од ОЈО кое упорно работи да нѐ прикаже како планери на убиството. Јасно кажав дека немам поим, ниту сознанија дека Палевски планира да убива. Зар би копал три метри дупка и би ја маскирал и покривал со таваници како влезна врата кога би знаел дека грабнатото лице треба да се убие? Не, туку би ископал обичен гроб, рече Манев.
Нагласи дека ОЈО настојува дека бил остварен контакт со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и дека, наводно, од него знаеле за времето кога излегува Вања, иако никој од обвинетите не го познавал Александар, ниту пак, тој нив. За него, рече, првпат слушнал во полициска станица.
Немаат доказ дека таткото контактирал со Палевски. Јас лично не го познавам, а и тој самиот кажа дека не ме познава. Како дадов изјава дека се слушале, веќе ви кажав, со ќотек. Се прашувам каков интерес би имал да го бранам Сашо со мојот исказ, а за него првпат слушнав во полициска станица. Некој овде лаже, рече Манев.
Нагласи дека по извршените убиства од страна на Палевски сфатил дека тој имал двоен план и затоа, како што рече, ги зачувал снимките од неговиот ресивер.
Откако ги изврши убиствата, ми стана јасно, но многу доцна сфатив дека имал двоен план, па затоа ги зачував снимките од мојот ресивер. Можев да ги избришам снимките и можев да ги исклучам камерите. Но, со тоа ќе му дадев алиби на Палевски, а според неговото кажување, виновници за убиството ќе бевме јас и Боре. Но, ние не направивме убиство, а јас лично немав ни мисла ни намера за убиство, рече Манев.
Адвокатот Јовица Страшески, застапник на првообвинетиот Палевски, од Судот денеска побара ослободителна пресуда и посочи дека Основното јавно обвинителство не ја докажало вмешаноста на Палевски во двата кривично-правни настана. Ослободителна пресуда бара одбраната и на останатите обвинети.
Според Страшески, Обвинителството не прикажало ниту еден конкретен доказ со кој би се докажала вината на Палевски, како и дека според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Тој истакна дека не постои никаква трага, слика, ниту пак, некаков материјален доказ дека Палевски ги извршил кривичните дела. Страшески презентираше слики и видео снимки од дворот на обвинетиот Велибор Манев кои досега не биле прикажани пред Судот, како принтскрин од службена белешка на полициски службеник виш инспектор во СВР Велес, кој по наредба ги прегледувал видео снимките од хотелот „Романтик“ во близина на Велес, во која е наведен помал број на лица забележани во возилата Рено кангу и Цитроен, од бројот којшто го тврди Обвинителството.
Ниту полицијата, ниту Обвинителството, додаде Страшески, не ги докажале причините зошто е грабната малолетната Вања.
На изминатото рочиште од одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски побараа ослободителна пресуда, откако Обвинителството побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна. Според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.