
Денеска од страна на Одделението за внатрешни работи Кочани во координација со ОЈО Кочани, по претходно преземени мерки и активности, покрај доказите кои се однесуваат на непосредно извршување на кривично дело по член 215 став 1 од КЗ, обезбедени се бројни докази кои упатуваат на постоење на основано сомнение дека Александар Лазаров располага со значителен движен и недвижен имот, стекнат со криминална активност, за кој имот од страна на Основен суд Кочани се определени привремени мерки за обезбедување со привремено одземање на шест патнички возила „џип“, „порше“, „фолксваген“, „ауди“, „бмв“ и „пасат“, како и недвижен имот-стан, соопшти предмалку МВР, објавувајќи видео од заплената на луксузните возила.
ОВР Кочани продолжува со преземање на мерки и активности за утврдување на законитоста на стекнатиот имот, велат од МВР.
Претходно денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, известувајќи за пронаоѓањето на бегалецот, порача дека со тоа не завршува и нивната обврска за целосно расчистување на случајот.
Внатрешната истрага продолжува и секој што со постапување или непостапување придонел за овој настан ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури. Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има – нагласи Јанев.

Македонски



