Skip to main content

„Внатрешната истрага продолжува, ќе има одговорност“, вели директорот на БЈБ за бегството на Цуна

Синоќа беше детектиран, лоциран и лишен од слобода бегалецот од Кочани. По интензивна потрага, лицето кое во петокот побегна од просториите на Полициската станица Кочани е пронајдено и приведено во Скопје. Овој случај уште еднаш потврди дека секој што бега од правдата порано или подоцна се соочува со законот. Никој не е недопирлив и никој не може трајно да избега од одговорност – објави на Фејсбук директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Како институција, додаде Јанев, целото наше колективно и индивидуално знаење, искуство, посветеност и интегритет ги вложуваме во борбата против криминалот и во исполнувањето на нашата основна задача заштита на граѓаните и испорачување безбедност.

Истовремено, сакам јасно да порачам дека со пронаоѓањето на бегалецот не завршува и нашата обврска за целосно расчистување на случајот. Внатрешната истрага продолжува и секој што со постапување или непостапување придонел за овој настан ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури. Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има – нагласи Јанев.

Тој упати благодарност до колегите и раководството на СВР Скопје кои со брзо, посветено и професионално постапување преку овој случај покажале и потврдиле  дека полицијата има капацитет и решителност да се справи со секој предизвик.

Продолжуваме одлучно, професионално и со интегритет во борба против криминалот и за безбедноста на граѓаните – истакна Јанев.

Поврзани вести