
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица поради сомнежи за злоупотреби при спроведување на постапки за јавни набавки во Царинската управа.
Како што соопшти Обвинителството, истрагата е отворена по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, а опфатени се поранешен директор и помошник-директор на Царинската управа, управител на приватна компанија и вработен во истата фирма.
На осомничените им се ставаат на товар кривични дела поврзани со злоупотреба на постапка за јавна набавка, како и примање и давање награда за противзаконито влијание.
Според сомнежите на истражните органи, во периодот од јули 2023 до март 2024 година била изиграна постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали. Со фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата, на правниот субјект му била овозможена противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.
Обвинителството наведува дека првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач. Второосомничениот, пак, како помошник-директор, според сомнежите, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.
Во рамки на истрагата се обезбедени и докази за примање и давање награда за противзаконито влијание. Според Обвинителството, првоосомничениот примил 111.600 денари како награда за користење на својата службена положба и влијание.
Со цел непречено водење на кривичната постапка, предметниот јавен обвинител ќе достави предлог до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.
Истрагата продолжува, а надлежните институции најавуваат понатамошно прибирање докази за целосно расчистување на случајот.
Како што беше објавено финансова полиција вчера вршеше претрес во домот некогашниот директор на Царина, поранешен потпретседател на СДСМ и екс-градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев. По ова тој беше приведен.

Македонски


