
Пожар на патот кон граничниот премин Блаце, гори сува трева и пожарот се движи кон шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Екипи од БППЗ на Град Скопје веќе се пристигнати на самото место каде што се наоѓаат и припадници на полицијата, а известени се и ЕЛС Чучер Сандево и ЈП Караџица.
ЦУК информира дека до 13 часот низ државава се евидентирани четири активни пожари на отворен простор и еден локализиран.
Активни се пожарите во прилепското село Бешиште, каде што гори приземна квалитетна мешана шума, ниска вегетација е опожарена кај гробиштата Прилеп, активен е пожарот во село Црешнево, место викано Церо Поле во општина Македонски Брод, каде што е зафатена деградирана дабова шума и грмушки, и пожарот во општина Чашка – под Солунска Глава, помеѓу местата Изворите на Бабуна и Бабина Дупка – шумски пожар, без активен пламен, има чад на карпест терен.
Локализираниот е пожар на депонија во Делчево.