
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против четири лица – двајца мажи и две жени – под сомнение дека сториле кривично дело разбојништво, казниво по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, четворицата дејствувале како група и со употреба на физичка сила му одзеле 200 илјади денари, мобилен телефон и лична карта на едно лице во скопски мотел.
Намамиле жртва во мотел, па ја нападнале
Настанот се случил на 30 октомври, кога оштетениот со една од осомничените жени отишол во мотел во Скопје. Таа му предложила да повика уште една девојка, а по неговата согласност, ја повикала својата соучесничка. Двете жени потоа го убедиле да заминат во, како што рекле, „поубав и поевтин хотел“.
Кога излегле од собата, во темниот двор на мотелот ги чекале двајцата мажи кои биле во договор со нив. Тие заедно му се нафрлиле на оштетениот, удирајќи го со боксови по главата и телото сè додека не паднал на земја, по што му ги одзеле предметите и парите што ги носел со себе.
Една осомничена во бегство
Јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторат делото.
За една од осомничените жени, која е во бегство по извршеното разбојништво, притворот ќе биде применет по нејзино пронаоѓање и лишување од слобода.

Македонски






