Skip to main content

Средба на директорите на Царинските управи на Македонија и Црна Гора: Меѓусебна размена на искуства на патот кон интеграција во ЕУ зајакнување на царинската соработка

Меѓусебна размена на искуства на патот кон интеграција во Европската Унија, зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Црна Гора, како и подобра комуникација и размена на податоци во реално време со цел побрза реакција на службите, зголемена безбедност во регионот и олеснување на меѓународната трговија.

Ова беа главни теми на билатералната средба одржана во Подгорица помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и директорката на Царинската управа на Црна Гора, Маја Вучиниќ, на која учествуваа и експертски тимови од највисокото раководство на двете институции.

„Оваа средба произлезе од потребата да размениме искуства во процесот на дигитализација и усогласување на царинската легислатива со законодавството на ЕУ, и претставува можност да воспоставиме системска соработка во иднина – во интерес на зајакнување на безбедноста во регионот и подобрување на конкурентноста на економиите на двете земји,“ истакна директорот Николовски.

Особен акцент беше ставен на дигитализацијата на царинските постапки во Црна Гора, како и на можностите за примена на добрите практики од кои Македонија ќе извлече искуства во процесот на усогласување со европските стандарди.

Во рамки на посетата беа одржани и повеќе технички состаноци на експертско ниво, на кои беа договорени идни конкретни чекори:

∙             продлабочување на соработката врз основа на потпишаниот Протокол за електронска размена на податоци преку системот SEED+, кој овозможува размена на информации за стока пред нејзино пристигнување на граница, со што се зголемува ефикасноста на контролите, спречувањето на измами и забрзувањето на легалната трговија;

∙             воспоставување директни контакт точки меѓу секторите за контрола и истраги на двете управи за размена на информации во реално време;

∙             разгледување и споредба на постапките за спроведување на царинските процедури, со цел нивно унапредување и олеснување на трговијата.

Директорката Вучиниќ ги нагласи заедничките цели на двете управи и потребата од меѓусебна поддршка во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и силната посветеност на реализација на стратешките приоритети за економски развој и интеграција на регионот.

Поврзани вести