
Комисија составена од стручни лица го заврши процесот на евалуација на понудите по јавниот повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за нивно полнење. Од вкупно четири пристигнати понуди, три економски оператори не ги исполниле условите, по што е направен прелиминарен избор и доставен предлог за најповолен понудувач.
Како најповолна е избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската „ЕВН“, кои ги исполниле сите услови од јавниот повик.
Според евалуацијата, овие компании понудиле и најниска цена – 19 милиони и 350 илјади денари, односно околу 314 илјади евра по автобус, што се оценува како исклучително конкурентна понуда на пазарот.
Согласно одлуката, „Икарус“ ќе ги испорачува автобусите, додека „ЕВН“ ќе биде задолжена за поставување на станиците за полнење.
Автобусите треба да имаат минимална моќност од 300 kW, капацитет од најмалку 66 патници и автоматски климатизациски систем за ладење и греење. Избраниот понудувач има обврска да обезбеди одржување, сервис и резервни делови во наредните 10 години. Возилата мора да бидат усогласени со Европската директива 2018/858.
Испораката ќе се реализира во три фази: во рок од шест месеци треба да бидат доставени 30 автобуси и 15 станици, во рок од 12 месеци дополнителни 60 автобуси и 30 станици, а преостанатите 60 автобуси и 30 станици во рок од 18 месеци од потпишувањето на договорот.
По донесувањето на одлуката, утврден е рок од 10 дена за поднесување жалби.

Македонски


